Вчера се одржаа завршните зборови на одбраната, а веќе за денеска судот најави пресуда во случајот за „насилство во општна Центар“ или како што многумина го нарекуваат „шамарите кои никогаш не се случија“. Што се случуваше во текот на судскиот процес – фактичката состојба од судењето, изведените докази, променетите искази и претпоставките на Обвинителството кои одбраната ги смета за изнесени небулози наместо докази и факти.
ТОТАЛЕН ХАОС СО ОБВИНЕНИЕТО, НИТУ ЕДЕН РЕАЛЕН ДОКАЗ ПРОТИВ ЈАНАКИЕСКИ
„Ниту еден сведок не посведочи дека јас сум му давал насоки за насилно делување на протестите пред општина Центар. Од 80.000 разговори во кои сум бил прислушкуван, нема ниту еден кој докажува моја вина за настаните пред општина Центар“ – вака екс-министерот Јанакиески ја сублимираше доказната постапка против него која ја водеше Обвинителството, а кое во меѓувреме го промени обвинителниот акт за неколку лица и ги ослободи, но не се откажува од барање на најстрога казна за Јанакиески без притоа да приложи било каков доказ.
Според Јанакиески, Обвинителството цело време се водело од претпоставки, а не од докази и згора на тоа не прифаќало докази и сведоци на Јанакиески кои ќе ја докажат неговата невиност.
Тој во завршните зборови потенцира на неколку апсурди и нелогичности во целата постапка.
Клучно во целиот случај е лицето Томислав Лазаров, екс-советник од ВМРО-ДПМНЕ во општина Центар, кое е лице посочено од Обвинителството дека наводно примало насоки од Јанакиески како да дејствуваат протестирачите на спорниот ден пред општина Центар и воедно е лице кое си ја призна вината пред неколку години. Но, во текот на расправата Лазаров кажа дека не добивал никакви насоки ниту од Јанакиески ниту од било кој друг за поттикнување насилство на протестите пред општина Центар. Односно, се чини дека признал вина затоа што му била понудена спогодба, но во исказот даден на судењето зборува нешто сосема поразлично од содржината на обвинението за која призна вина пред неколку години.
СЛУЧАЈОТ ЗАПОЧНА СО ЕДНА СОДРЖИНА НА ОБВИНЕНИЕТО, ЗАВРШУВА СО СОСЕМА ДРУГА
Екс-советникот Лазаров призна вина според содржината на „старото обвинение“ (пред да биде ослободена Даниела Рангелова) во кое стоеше дека Лазаров по примање на насоки/наредби од Јанакиески, ја координирал толпата заедно со Рангелова, која пак пред неколку дена Обвинителството ја ослободи од обвинението со образложение дека нема доказ дека давала насоки за разгорување на протестите, туку тоа било само „перцепција на сведоците советници од СДСМ“, 12 на број, кои „во еден глас“ го кажаа токму тоа на рочиштата за овој предмет.
Во своите сведочења и Томислав Лазаров и Даниела Рангелова негираат дека Јанакиески им давал некакви насоки за протестите (исто како и другите обвинети во случајот), а не беше приложен никаков доказ, ниту аудио-снимка од страна на Обвинителството дека такви наредби/насоки Јанакиески им давал на другите опфатени со случајот.
Сепак, Обвинителството бара најстрога казна за Јанакиески не врз база на докази туку врз база на „претпоставки и перцепција“.
ОЈО КАКО „МАЛИ ЏОКИЦА“: СИ ЗАМИСЛУВА ШТО СЕ СЛУЧУВАЛО И БЕЗ ДА ГО ДОКАЖЕ ИСТОТО БАРА ЗАТВОРСКА КАЗНА ЗА ЈАНАКИЕСКИ
„Осудениот Томислав Лазаров кога ќе се создаделе услови за отпочување со работа на седницата на советот по телефонска комуникација го известувал Миле Јанакиески и веднаш по таквото известување групата, меѓу кои и со-обвинетите станале погласни и започнувале со насилничко тропање по бараката за да се оневозможи почетокот на седницата“, стои во променетиот обвинителен акт на Обвинителството, според кој „како со магично стапче“ откако Лазаров ќе му пишел на Јанакиески дека советниците започнале со работа, тој успевал сите 2-3 илјади луѓе да ги натера да бидат побучни во протестот.
Јанакиески за ова рече:
„Повторно претпоставки! Кој доказ почитуван судија беше доставен во оваа постапка во однос на ова ново дејствие кое што ми се става на товар, а кое и не соодејствува на кажаното во исказот на сведокот Томислав Лазаров? Почитуван судија се прашувам дали можеби од Обвинителството е доставена некоја нова телефонска комуникација како доказ за ова ново дејствие што ми се става на товар, а одбраната и вие како судија не сме ја виделе во текот на главната расправа?“.
ИЗБРИШАНА ОД ОБВИНЕНИЕТО „КАКО СО ГУМА“: ЗА РАНГЕЛОВА ЕДНИ АРШИНИ, ЗА ЈАНАКИЕСКИ СОСЕМА ДРУГИ
Во текот на главната расправа за овој предмет значајно е да се истакне дека во исказите на сите 12 советници од редовите на СДСМ вклучително и градоначалникот Андреј Жерновски, беше потенцирано дека Томислав Лазаров и Даниела Рангелова „со своите телефони ја раководеле масата која била надвор“. Ваква беше содржината и на старото обвинение.
Но, по исказот на Томислав Лазаров, Обвинителство „како со гума“ ги избриша сите овие изјави за на крај целосно да го промени обвинението само и само врз база на исказот на Лазаров кој очигледно беше во насока да ја заштити Рангелова и да пренасочи се кон Јанакиески и Кирил Божиновски.
„Судија, чудно е како обвинителството во својот завршен збор само врз основа на исказот на Томислав Лазаров го исклучува учеството на Даниела Рангелова во овие настани и му поклонува верба на сведочењето на Лазаров за овој дел, а сите други сведоци кои се оштетени кажуваат друго. Но, истовремено истото обвинителство кое му верува за едно, не му верува за другото кажано дека единствено било какви насоки добивал од Кирил Божиновски, а не од мене“, тврди Јанакиески.
12 сведоци на СДСМ сведочеа дека Рангелова ги координирала протестите, но обвинителството го отфрли обвинението кон неа, инаку во последниот период жесток критичар на сегашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи според обвинителството „сведоците имале таква перцепција, но немало за тоа докази.“
Зошто тогаш и за Јанакиески не важи истиот аршин, кога и за него нема докази дека координирал толпа, напротив, ниту еден сведок не го тврди тоа, па ни фамозниот Лазаров? Или она што е „перцепција“ за Рангелова, за Јанакиески не важи, бидеќи „перцепцијата“ им наложила на Обвинителите да ја ослободат Рангелова, а Јанакиески (во отсуство на Груевски) да е жртвеното јагне за да се докаже дека „во Македонија има правда“?
АПСУРД ДО АПСУРД: ОВА Е СЕ, САМО НЕ ПРАВДА!
Јанакиески денес се осврна и на најголемиот апсурд во целата постапка, односно по којзнае кој пат докажаните селективни аршини на обвинителството.
Имено, условно осудениот за овој настан Томислав Лазаров пред судот јавно кажа дека не добивал насоки од Јанакиески за протестите да бидат насилни, нешто што е во спротивност со тврдењето на Обвинителството дека Јанакиески преку Лазаров и Јордан Ристевски (УМС на ОК Центар) поттикнувал насилно однесување на протестирачите. Сепак, Обвинителството на Лазаров му верува за некои работи (на пример, за оние кои може да ги искористи за да ја ослободи Рангелова), а не му верува за други работи (дека не добивал насоки од Јанакиески).
„Почитуван судија ако обвинителството му дава верба и го признава фактот дека Томислав Лазаров не добил насоки протестите да бидат насилни, се поставува прашањето зошто сум сеуште во обвинителниот предлог кога обвинителството ме товари за давање на насоки на Томислав Лазаров за организирање на група на членови на ВМРО со цел вршење на насилство?“, уште еднаш (се чини попусто) праша Јанакиески.
ПИШИ-БРИШИ ОБВИНЕНИЈА СОГЛАСНО МОМЕНТАЛНИТЕ ПОТРЕБИ: ИМ ТРЕБАА 4 ГОДИНИ ЗА ДА УТВРДАТ ДЕКА РАНГЕЛОВА НЕ Е ВИНОВНА?!
„Логично се поставува прашањето како во јавноста така и во оваа сала, како е можно обвинителството да не даде верба на 12 оштетени сведоци и градоначалникот Жерновски кои во своите искази пред овој суд кажуваа дека Рангелова и Томислав Лазаров преку телефонска комуникација ја координирале масата надвор од салата за состаноци, со образложение во својот завршен збор за повлекување на обвинението за Рангелова дека таквите искази се засновале на перцепција? Па, почитуван судија, истите овие сведоци оштетени свои искази исти по содржина ги имаа дадено и пред обвинителот. Зарем тогаш обвинителот не оценил пред поднесувањето на обвинителниот предлог дека така дадените искази се засноваат на претпоставки? Зарем требаа 4 години за таква констатација?“, прашува Јанакиески.
Тој посочува и дека при промената на обвинението со кое е ослободена Рангелова, Обвинителот му поверувал на исказот на Лазаров различен од суштината на претходното обвинение (пред промената од минатата недела) според кое Лазаров признава вина.
Дополнително, Јанакиески потенцира дека во стариот обвинителен предлог стоеше дека овој немил настан се случил заради опстојување на бизнис интереси на партискиот врв на ВМРО-ДПМНЕ и нивните блиски бизнис партери, кои би биле загрозени со очекуваното поништување на ДУП, а посебно поништувањето на ДУП „Мал ринг“ за што обвинителството не понуди ниту еден доказ во текот на целата постапка, па сега јавноста, а и судот треба да го постави прашањето кои биле вистинските причини овој предмет да биде така прикажан во јавност дека се штителе некакви бизнис интереси, за да на крај обвинителството со новиот обвинителен предлог го избрише тој дел од обвинението.
ШТО ТОЧНО „СВЕДОЧЕШЕ“ ЛАЗАРОВ?
Важно е да се напомене дека Лазаров во случајот нема статус на сведок, туку дава исказ како условно осуден, после признавањето на вина според старото обвинение дека добивал насоки од Јанакиески, иако на суд, откако беше условно осуден, негира дека добивал такви насоки.
„Имав одредени контакти во вид на телефонски јавувања и смс или вибер пораки, не можам точно да се сетам, со тогашниот генерален секретар Кирил Божиновски, но и во неколку наврати со тогашниот координатор, Миле Јанакиески. Комуникацијата беше во правец на тоа да бидат во тек што моментално се случува во самата сала на советот на општина Центар“ вели Лазаров.
Лазаров никаде не кажува дека потоа врз основа на тоа што му го кажал на Јанакиески добивал повратно од него било какви насоки или инструкции како да постапува и што да прави.
Лазаров:
„Тие (Јанакиески и Божиновски) беа информирани дека седнициата продолжува, а со тоа и барав одредени насоки што и како да правиме. Но, единствено што ни беше кажано е правете што ќе правите, дневниот ред не смее да биде усвоен. Јас лично и од оние сознанија што ги имав во однос на останатите членови на советничката група на ВМРО во Центар, никој немаше добиено таква насока (за насилни протести), а во однос на онаа партиска организираност на протестите, исто така во ниту еден момент не беше воопшто спомнато дека протестите треба да бидат насилни“.
Единствено „инкриминирачко“ според Обвинителството е сведочењето на Лазаров дека откако ќе прател информација за тоа што се случува на седницата, односно дека таа продолжува со работа, после 5-10 минути толпата пред Општина Центар станувала побучна – иако самите протестирачи можеле да го забележат истото на лице место бидејќи прозорците во салата биле отворени цело време. Односно, нема доказ дека Јанакиески давал насоки на протестирачите да се побучни, туку „перцепцијата“ на Лазаров е дека по неговите информативни пораки, после 5 до 10 минути толпата станувала побучна.
Според многумина присутни во Општина Центар целиот случај е за „поттикнување насилство“ кое никогаш и не се случило – односно „шамарите“ кои никогаш не биле удрени.
ШИЗОФРЕНИЈА ВО ТВРДЕЊАТА НА ОБВИНИТЕЛСТВОТО
Ако Томислав Лазаров призна вина согласно претходниот обвинителен предлог каде се потенцира дека тој и Даниела Рангелова ја кординираат масата што е во дворот на Општина Центар, како сега обвинителство тврди нешто спротивно, односно ја ослободува Рангелова од вина бидејќи немало докази дека координирала, туку тоа било перцепција на советниците на СДСМ? А Лазаров е условно осуден по признание на вина дека „перцепцијата на советниците на СДСМ била точна“?
Но, ако после признанието на вина и условната казна за Лазаров, истиот пред судот тврди нешто поразлично, односно дека не добивал никакви насоки за насилно делување на протестирачите, како обвинителството се уште го гони Јанакиески за такво нешто, а ја ослободува Рангелова?
„На ова би додал само дека како што кажав претходно во овој критичниот период сум бил нелегално преслушкуван 24 часа, па доколку сум превземал било каква активност ќе постоела барем една смс порака или разговор за тоа“, потенцира Јанакиески.
ПЕРЦЕПЦИЈАТА НА ОБВИНИТЕЛСТВОТО ЗА РАНГЕЛОВА МАЈКА, ЗА ЈАНАКИЕСКИ МАЌЕА
Како што претходно напоменав, вели Јанакиески во заршните зборови, обвинителството не им поверува на 12 оштетени сведоци бидејќи нивните искази се засновале на перцепција, а му даде верба на исказот на Томислав Лазаров кој се заснова на претпоставка, перцепција и апсолутна неможност со 100 посто сигурност истиот да потврди дека самото негово известување по автоматизам значело зголемување на тензијата.
„А уште повеќе и фактот дека ваквата претпоставка на Лазаров обвинителството не ја докажа со ниту еден доказ во текот на оваа постапка. Не знам зошто обвинителството ја немаше истата перцепција и за мене кога го повлече обвинението како што имаше перцепција и за Даниела Рангелова?“, реторички запраша Јанакиески.
Јанакиески додава:
Обвинителството во својот завршен збор користи изрази како „се подразбира“ и прави анализи и своеволни интерпретации и непостоечки конкструкции базирани на два телефонски разговори – врз основ на нивната „перцепција“. И таа своја искривена перцепција обвинителството сака да ја наметне и пред судот и пред јавноста, со цел да ја покрие својата неспособност или неспремност да се дојде до целата вистина. Обвинителството, почитуван судија, пред овој суд има обврска да достави докази со цел да се утврди материјалната вистина и нечија вина, а не да перцепира или да подразбира, уште помалку да извртува, да манипулира и да интерпретира изјави, нечии мисли или разговори.
ЗАТВОРСКА КАЗНА БЕЗ ДОКАЗИ НЕМА ДА ДОНЕСЕ ПРАВДА ВО МАКЕДОНИЈА, СУДОТ МОРА ДА ОСТАНЕ ИМУН НА ПОЛИТИЧКИТЕ ПРИТИСОЦИ
Обраќајќи се кон судијата Јанакиески апелира:
„Се надевам дека вашата одлука нема да биде заснована на претпоставки или дека нешто се подразбира и нема да го пополнувате недостатокот на докажување на обвинителството“.
Заклучоците кои почитуван судија при носењето на финалната одлука мора да ги имате предвид се базираат исклучиво на материјални докази и тоа:
1.Ниту нешто сум прифатил, ниту сум дал некакви насоки, ниту некого сум поттикнал да направи насилство, ниту пак обвинителството достави доказ дека сум превзел било какво дејствие од телефонскиот разговор.
2.Непрекинато незаконски сум бил прислушкуван во периодот мај – јули 2013 година со што ако постоела било каква порака или разговор каде сум давал било какви насоки, инструкции или било какви дејствија поврзани со кривично правниот настан секако би биле доставени како доказ од страна на обвинителството телефонска комуникација помеѓу мене и Томислав Лазаров како и останатите обвинети, за да обвинителството го докаже своето тврдење, а не до крајот на постапката нешто да се претпоставува или да се подразбира.
3.Обвинителството не достави ниту еден материјален доказ да го поткрепи обвинението против мене, а обвинителниот предлог единствено се заснова на наводен телефонски разговор кој и е конвертиран и неможе да се користи во постапката и на него да се заснова судска одлука.
4.Обвинителството не го достави и не го изведе како доказ материјалот презентиран во проектот на СДСМ „Вистината за Македонија“ за која детално елаборирав во мојот завршен збор. Исто така, овој разговор судот не го прифати и не го обезбеди во дополна на доказната постапка со што ми е нарушено правото на одбрана и е постапено спротивно на Законот за Кривична Постапка.
5.Во текот на постапката не ми беше прифатен ниту еден вербален доказ т.е сведок во насока на оспорување на исказот на Томислав Лазаров на кој сега го темели новиот обвинителен предлог Обвинителството
6.Најголем дел од материјалните докази исто така ми беа одбиени со што заедно со мојата одбрана бевме ставени во нерамноправна положба со Обвинителството.
7.Обвинетите Александар Трајковски, Дарко Стојчевски, Даниел Трипуновски, Трајче Петковски, и Игор Бошковски, потврдија пред овој суд дека ниту сме се познавале ниту пак сум им давал некакви насоки или сум ги потикнувал на дејствија за кои се теретат со обвинителниот предлог, а уште повеќе што во новиот обвинителен предлог ниту пак во завршниот збор не опиша ниту едно дејствие врз основа на кој доказ и на кој начин сум ги потикнал, ништо почитуван судија ни едно. Перцепција повторно.
ЈАНАКИЕСКИ ДО СУДОТ: „АПЕЛИРАМ ДА ПОСТАПИТЕ ПРАВИЛНО, ЗАТВОР БЕЗ ДОКАЗИ НЕМА ДА ДОНЕСЕ ПРАВДА ВО МАКЕДОНИЈА“
Јанакиески посочува дека од сето она што тој го посочил на крајот од постапката апелира да го направите она што е објективно правилно, а не она што обвинителството смета дека е правилно па макар било и невистинито.
„Затворската казна за мене, базирана на пресуда за која во овој случај нема никакви докази, нема да донесе правда во оваа држава. Напротив, ќе донесе само поголема неправда. Јас сепак верувам во судот дека и покрај силните притисоци што се прават за токму преку мене да се покаже дека Република Македонија прави чекор кон правично судење, истите ќе останат само притисоци, а судот ќе смогне сила да остане имун на истите и ќе ги цени само фактите и доказите презентирани во оваа кривична постапка. Од Вас почитуван судија очекувам исклучиво да ја исполните обврската и заклетвата која ја имате дадено како судија, чесно, праведно да судите како што е доследно на Вашата функција и да донесете праведна одлука со ослободителна пресуда за мене како што впрочем и сите факти и докази недвосмислено покажуваат.“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.