Во рамки на одбележувањето на 20-годишнината на Охридскиот  рамковен договор, во организација на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците и Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците денеска се одржа трибина „Скопје на новите албански адреси, одраз на духот на Охридскиот договор “.

Според Артан Груби, прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, именувањето на неколку улици е еден сензитивен успех како и многу други успеси што го носат печатот на Охридскиот договор. Тој побара од Институтот, Охридскиот договор да се третира како културно богатство и да се направи детална научна студија со споредување на тоа каде сме биле и каде сме денеска.

– Ни недостасуваат денови за да ги оствариме сите активности до последното заокружување на настаните на 13 август оваа година, кога ќе се одржи академија со присуство на нашите меѓународни пријатели како Лорд Џорџ Робертсон, Хавиер Солана, Пол Вилијамс, како и по 20 години на нашата јавност ќе и го претставиме авторот на Охридскиот рамковен договор, кој е еден наш одличен пријател од САД, како и многу наши пријатели од ЕУ, САД, ОБСЕ. Дваесет години не се далеку. Застанете и само споредете како бевте вие заедно со нас пред 20 години и како сме денеска. Во Влада, Собрание зборуваме албански. Недалеку од вчера на одбележувањето на Илинден одекна албанското оро и песна на сред Крушево и немаше двоумење од ниту еден учесник за такво достоинствено претставување на албанската култура, рече Груби.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.