Државната матура ќе се полага на почетокот на јуни со физичко присуство, а исто така и интерните испити. Наставниците кои се ангажирани за матурата и испитите реагираат дека ги нема во ниедна приоритетна група за вакцинација.

Тие апелираат деновиве да се почне со нивна вакцинација, затоа што нема да остане доволно време за стекнување на имунитет. Од СОНК се загрижени и ќе бараат итно решавање на проблемот.

Како да се охрабриме за извесното физичко присуство со учениците кога корона вирусот до јуни сигурно нема да исчезне, а вакцини нема за нас. Дали нас свесно ќе не впуштат во ризик да се разболиме и животот да нѝ биде доведен во прашање – прашуваат наставници кои се јавиле во редакцијата на „Мкд.мк“.

Наставниците кои се назначени да бидат тестатори на државната матура преку Државниот испитен центар добиле мејл да се изјаснат дали сакаат да се вакцинираат, додека наставниците кои ќе бидат ангажирани за интерните испити, кои исто така ќе бидат во физичко присуство со учениците, не се ниту прашани, иако ќе бидат во истиот ризик. Но, и едната и другата група наставници до денес не се информирани ништо околу можните термини.

Претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура (СОНК) Јаким Неделков, прашан дали им е јавено кога би почнала вакцинацијата на наставниците кои ќе бидат ангажирани за матурата и интерните испити, одговара негативно.

Јас уште утре ќе барам контакт со Министерството за образование и наука за да ги запознам со проблемот и ќе инсистирам овие наставници да бидат навремено вакцинирани за да можат со стекнат имунитет да работат на матурата и испитите. Како Синдикат ние сме загрижени за здравјето на наставниците исто како што водиме грижа за целото наше членство, за сите вработени, како во образованието кои имаат практична настава така и за вработените во другите сектори од нашето организирање кои имаат работни ангажмани со физичко присутво – вели за „Мкд.мк“ Јаким Неделеков.

Повеќе на „МКД.мк“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.