Кандидатот за советник од граѓанската иницијатива „За наше Куманово“ Тања Тодоровска денеска одржа прес-конференција на која ги најави проектите за реализација по победата на локалните избори, а се однесуваат на инклузивноста во општина Куманово.
Куманово е општина на сите нејзини граѓани, без разлика на нивната различност по пол, вера, убедување. Куманово е инклузивна општина која поеднакво се грижи за сите. Една од врвните приоритети во идниот мандат во Советот на општина Куманово ќе биде подобрувањето на квалитетот на живот за сите граѓани, вклучително и за лицата со попреченост. Дозволете ми да ги претставам нашите проекти кои значат подобар живот за оваа група на граѓани. Ќе отвориме регионален ресурсен центар за деца со попреченост. Ќе организираме целодневен престој за лица со попреченост вклучени во образовниот процес во основните и во средните училишта во Општина Куманово. Следува и отворање на спортска сала за лица со попреченост, како и бесплатен јавен градски превоз на семејства, кои имаат деца со попреченост и за лица со попреченост, потенцираше Тодоровска.
На прес-конференцијата, Тодоровска најави и поставување пристапни рампи и тоалети за деца со попреченост во општински училишта.
За подобра функционалност, ќе бидат реконструирани сите тротоари во централно градско подрачје и ќе се адаптираат за непречено движење на лица со попреченост.
Ќе формираме Центри за социјализација на лица со попреченост, како и психолошка поддршка на лица кои се грижат за оваа група на граѓани. Ќе спроведеме целосна реализација на концептот на инклузивна Општина со обезбедување на пристап до податоци и информации за лица со попреченост преку креирање на пристапни веб-страници на Општината и јавните претпријатија, креирање на систем за инклузивна рекреација, спорт, култура, забава и медиуми, со што ќе се овозможи социјална кохезија, изработка на предлог-проект за пристапни заедници – рушење на бариерите за инклузија (јавни простори, услуги, градби, превоз, информации, комуникација), истакна Тодоровска.
Важна мерка од програмата, додава таа, претставува олеснувањето на сите лица со попреченост во делот на комунални такси, лице придружник, обезбеден превоз за лица со попреченост, рампи за лица со попреченост, звучни семафори за лица кои се слепи, како и посебни тротоари за лица со
попреченост.
За подобра комуникација, ќе биде отворена канцеларија за сите граѓани, кои имаат потреба од било каков тип на социјална помош или инклузија,
упатување каде да се обратат, како и советодавно делување во наоѓање работа.
Инклузивноста во една општина се гледа по мерките и програмите кои се имплементираат. Нашата иницијатива „За наше Куманово“ има за цел да го подобри животот на лицата со попреченост. Дозволете ни преку Советот на општината да делуваме за наше инклузивно и хумано Куманово! На 17-ти октомври гласајте за независниот кандидат за градоначалник Максим Димитриевски под реден број 80, како и за независната советничка листа под реден број 61 и овозможете ни да ги реализираме проектите кои живот значат!, порача Тодоровска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.