За Македонија да престане да губи, потребно е обединување и пораз на Заев, порача лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски попладнево во своето видео обраќање.

Мицкоски рече дека треба да престане трговијата со правата на нашите Македонци кај нашиот источен сосед и кај нашите соседи воопшто.

Затоа ајде сите да се обединиме против сето ова што денеска ни се случува, потребна е оставка на Заев за слобода на народот, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски.

Тој на православните христијани им го честита празникот Св. Климент Охридски, и се заблагодари на сите оние сограѓани кои што изминатите денови беа со ВМРО ДПМНЕ, протестирајќи на улиците, булеварите, раскрсниците против, како што рече Мицкоски, погрешните и анационални политики на владата предводена од СДСМ и Зоран Заев.

Но, ова е само првиот чекор. Крајната цел е пораз на Зоран Заев и ослободување на Македонија. Ќе ве потсетам дека станува збор за политичар кој се колнеше во најмилото, а лажеше или политичар чија што политичка филозофија се сведува на „all in“, или се или ништо. Но, „all in“ не со неговите блиски, или животите на неговите блиски, туку со вас и животите на вашите блиски. Затоа е потребно обединување, рече Мицкоски.

Мицкоски смета дека се попусти сите бесцелни празни соопштенија кои што излегуваат на социјалните медиуми, потребна е акција и дела. Но, вистинска акција и вистински дела.

Затоа ја користам оваа прилика да ве потсетам дека само кога ќе биде поразен Зоран Заев ќе престани да губи Македонија, а за тоа ни треба обединување. Ве повикувам сите заедно да се обединиме без разлика дали сме политички определени или политички неопределени, леви, десни, либерални, или конзервативни, да се обединиме за да може Македонија да продолжи да победува. Затоа ги повикувам сите оние кои што се чувствуваат понижени, омаловажени, засрамени поради оваа таканаречена дома дипломатија на владата на СДСМ предводена од Зоран Заев, да застанат рамо до рамо со нас и обединети да пркосиме на сето тоа.

Ги повикувам сите оние родители чии што најмили не ја добиваат на вистински начин науката и образованието кое што го заслужуваат како што тоа го добиваат нивните врсници во развиениот свет, застанете со нас и заедно да се избориме за подобро образование. Ги повикувам и сите оние кои што ја почувствуваа суровоста на пандемијата и загубија некој близок, или не ја добија навреме медицинската нега поради девастираното и уништено здравство, застанете со нас за модерно и современо здравство во Македонија. Ги повикувам и земјоделците чија што мака и труд не се соодветно платени, обединете се и застанете со нас, за подобри денови кога вистински ќе се цени вашата мака и ќе биде платен вашиот труд, рече Мицкоски.

Тој ги повика и младите оние кои што денеска чувствуваат бесперспективност и се без надежни дека ако останат во Македонија дека нивната иднина нема да има предвидлива разрешница.

Ги повикувам да застанат рамо до рамо со нас и да се избориме за заеднички подобра и навистина перспективна иднина. Ги повикувам сите оние кои што се жртви на цунами економијата на владата предводена од СДСМ и Зоран Заев, сите оние кои што се чувствуваат посиромашни или изгубиле работа, застанете со нас за економија на нови инвестиции, економија на странски инвестиции, економија на нови работни места. Тоа е иднината за која што ние се стремиме. Тука нема партија, тука нема вера, тука нема нација, нема леви, нема десни, нема либерални, нема конзервативни, сите сме денеска потребни да се обединиме и да му застанеме на патот на овој политичар и владата која што тој ја предводи.

Да застанеме на патот на поразите, неуспесите, лагата и криминалот. Важно е во овој момент да застанеме на патот на неправдата, затоа ни е потребно обединување, да престане трговијата со идентитетот, да престане трговијата со посебноста, историјата, обичаите, традицијата.

Да престане трговијата со правата на нашите Македонци кај нашиот источен сосед и кај нашите соседи воопшто. Затоа ајде сите да се обединиме против сето ова што денеска ни се случува, потребна е оставка на Заев за слобода на народот, истакна Мицкоски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.