Битолчанец кој на своја кожа го почувствувал хоророт во Битолската болница сведочи дека чадорот во тоалетот е само капка во жабокречината.
Додека бев хоспитализиран на Инфективна, гледав како сестрите растрчани бараа места за пациентите на кои им треба кислород, но беше голем проблем да се најде слободен приклучок, раскажува битолчанецот и додава дека самиот тој смислил начин како да се реши таквиот проблем.
Во секоја соба се инсталирани по два кислородни приклучоци, а сместени се по три или по четири пациенти. Замислете да имаат потреба од кислорот тројца пациенти, а двата кислородни приклучоци да се зафатени. Но, тој проблем заедно со мојот чичко го решивме и сега цела Инфективна има по четири маски за дишење во секоја соба, раскажува тој.
Битолчанецот раскажува дека решение на проблемот пронашол во цевчиња кои се купуваат во секоја продавница за автомобилски делови.
Откако ме отпуштија, по два дена го хоспитализираа мојот чичко кој имаше лош наод и веднаш требаше да прими кислород. Го ставија во соба со двајца пациенти кои веќе користеа кислород. За него немаше, но рекоа дека ќе го преместат за брзо време. Јас испаничен го завртев целиот град за да најдам боца со кислород, но не најдов. Кога бев во болница, забележав дека сите кои користат кислород, не го користат целиот капацитетот од регулаторот, туку 90 отсто од пациентите користеа 7 или 8 кислородни единици, а регулаторите беа до 16. Така дојдов до идеја од еден регулатор со ‘Т‘ спојка, која може да се набави во секој дуќан за автоделови, да направам да дишат двајца пациенти. Купив антибактериско црево, маска и спојка и ги однесов во болницата. Направивме ‘бајпас‘ на уредот и го приспособивме да можат двајца пациенти да го користат, раскажува битолчанецот.
Тој посочува дека по два дена ја исконтактирал директорката на болницата која му дозволила да комплетира еден таков уред, а по тестирањето на уредот било докажано дека одлично функционира.
Ми се јави и ме замоли да направиме такви уреди за целата болница. Чичко ми, иако хоспитализиран, цел ден правеше адаптери и ја обезбедивме цела болница. По четири дена, синоќа, добив порака од директорката дека сите успешно работат и дека пациентите се обезбедени со кислород, објаснува тој.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.