Професорот Стојко Стојков, копретседател на организацијата ОМИ Илинден Пирин во Република Бугарија, во интервју за Македонско радио истакна дека не е изненаден од ставот на Бугарија за поставување на вето на отпочнувањето на преговорите.
Клучно за Бугарија е да се оспори македонскиот јазик, затоа што тоа го негира самото постоење на македонската нација, а од друга страна ќе се одземе секоја можност во иднина да се бара признавање на македонско малцинство во Бугарија, кое што е клучен проблем за Бугарија. Ако македонскиот јазик е посебен јазик и уште повеќе што во минатото се изучувал во Бугарија, тогаш јасно е дека бугарската позиција не може да се заштити – рече Стојков.
Според него целта на ваквата стратегија е македонскиот народ и јазик да се сведе на територијата на Република Македонија и тоа само во периодот после 1944 година.
Македонија игра многу пасивна позиција, не бара ништо од Бугарија, а Бугарија постојано наметнува свои барања. Како и секоја нација , така македонската, треба да си ги знае своите национални интереси и да ги брани. Принципот на солидарност помеѓу припадниците на една нација, треба да се почитува. Ние исто така сме Македонци и очекуваме дека другите наши браќа Македонци се загрижени за нашата положба и од солидарност ќе не поддржат – дополни Стојков.
Стојков посочи дека овие позиции на официјална Софија се стари 50 години и не верува дека без меѓународоен притисок тие ќе променат и после изборите.
Во Бугарија говор на омраза се смета тоа што Македонците зборуваат за себе. Значи ние ако се сметаме за Македонци, тоа се смета за говор на омраза против Бугарија, затоа што мораме да бидеме Бугари – смета професорот Стојков, додавајќи дека тоа е ниско ниво на изживување со Македонија и Македонија треба да превземе мерки против тоа.
Тој ја советуваше македонската влада дека не смеат да се прават повеќе отстапки, затоа што веќе се направени огромни отстапки према Грција и ако се направат отстапки и кон Бугарија тогаш едноставно македонската нација може да се прогласи за уништена.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.