Вулнет Мурсели е кандидатот за градоначалник за Тетово на коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива. Како што соопштија од коалицијата, Собранието на огранокот на Алијансата за Албанците во Тетово, вечерва го избра Вулнет Мурсели за кандидат за градоначалник за Општина Тетово.

Членовите на Собранието гласале помеѓу двајца кандидати, Вјолца Бериша и Вулнет Мурсели. И, иако, довербата ја добил Мурсели, двајцата кандидати изјавиле дека ќе се залагаат за да постигнат заедничка победа на локалните избори.

Пред изборот на кандидатот, претседателот на Алијансата за Албанците, Зиадин Села рече дека ќе се бира меѓу најдобрите.

„Идејата за победа не е идеја за победа на едно име, туку е победа на политичкиот концепт. Тетово ја сака промената и заедно со граѓаните на Тетово мора да го запреме потсмевот на овие луѓе кои раководат долги години со Општина Тетово и ни кажуваат дека дури сега одлучиле да ја запрат кражбата“, рече Села во својот говор пред членовите на Собранието.

Од Коалицијата на Алијансата за Албанците и Алтернатива велат дека изборите во Тетово ги гледаат како битка за враќање на достоинството на градот.

„Од денеска ги започнуваме подготовките за реализација на проектите за развој на Општина Тетово, заедно со другите општини во кои Алијансата за Албанците ќе победи убедливо на изборите на 17 октомври. Големата промена што започна во Гостивар, Врапчиште и Боговиње ќе продолжи со останатите општини и ќе кулминира со победата на централната власт“, велат од Алијансата за Албанците.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.