Српските медиуми од поодамна, а сега и власта, отворено зборуваат за улогата на највисоки македонски функционери во она што го нарекуваат „Македонско сценарио“, односно промената на власта во Србија на ист начин, како што тоа беше сторено кај нас со „Шарената револуција“. Телевизија „Алфа“ анализира дали Скопје навистина е центарот од кој се води операцијата за промена на власта во Белград?

На осми февруари, во Скопје, во една канцеларија на Заев бил одржан состанок на кој присуствувал Драган Ѓилас, човекот кој ја предводи опозицијата во Србија, потоа Зоран Заев, Ерик Брнс и Зоран Башановиќ. Таму многу отворено разговарале како да се радикализираат протестите во Србија, како да станат помасовни и како да се промени власта. Го гледав дописот на бугарскиот разузнавач. Таму пишува дека Зоран Заев во еден момент рекол: „Мојот пријател Харадинај е подготвен делумно да го финансира падот на Вучиќ, доколку вие се обврзете по доаѓањето на власт веднаш да го признаете Косово“. Таа реченица кажува сè, изјави на 10 март, во емисијата „Во центар“, Драган Вучичевиќ, главен уредник на „Информер“.

Српскиот претседател Александар Вучиќ, по ескалацијата на протестите, упадот на демонстрантите во РТС и блокадата на претседателската палата, порача дека нема намера да преговара со фашисти, тајкуни и хулигани. И тој ги поврзува со Скопје, коментирајќи дека водачите на опозицијата Ѓилас и Јеремиќ се големи пријатели на македонскиот премиер Заев. Го спомна и советникот на Заев, контроверзниот Зоран Башановиќ, нарекувајќи го „човек кој крадел гаќи во Америка“, а сега е многу важен во Скопје. И тој зборува за приштинските врски на опозицијата.

Јас погрешно го разбрав Рамуш Харадинај кога велеше дека ќе ме урне од власт. Мислев дека се шегува, а сега гледам дека тој сериозно го мислел тоа, бидејќи има сериозни соработници, тврди српскиот претседател Александар Вучиќ.

Во меѓувреме опозицијата не се откажува. Ултимативно побараа ослободување на сите уапсени во протестите и овозможување услови за нивните лидери секојдневно да можат да се обраќаат преку државната телевизија и радио. Српскиот полициски синдикат пак, ги повика полицајците да одбијат употреба на физичка сила врз демонстрантите во Белград, ако во иднина добијат таква наредба.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.