Втор ден расправа на македонските и бугарските историчари денеска во Клубот на пратеници во рамки на десеттата средба на Билатералната мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања помеѓу Македонија и Бугарија.

Комисијата заседава по пауза од речиси една година, а причина за тоа била пандемијата со Ковид-19, но и изборите кои се одржаа кај нас.

За прашања и теми во насока на надминување на истриографските спорови, но и прашања кои во изминатиов период претставуваа пречка во работата на ова тело разговараат вчера и денеска членовите на Комисијата, а на дневен ред е и веќе започнатата дискусија во однос на усогласување на препораки за учебниците по историја за 7 одделение во Македонија.

Од македонскиот тим во најавата за десеттиот состанок напоменаа дека покрај вообичаените теми, учебниците за историја и предлог идеите за заедничко одбележувањена историски личности и настани, Комисијата ќе дискутира и за теми и прашања кои во изминатиов период претставуваа пречка во работата или, пак, причина работата на Комисијата и нејзиниот академски и експертски карактер да бидат политизирани, со што се предизвикува штета на процесот на градење добрососедски и пријателски односи.

За содржината на разговорите официјално ќе информираат двајцата копретседавачи на Комисијата, Драги Ѓоргиев од македонска страна и Ангел Димитров од бугарска страна по завршувањето на дводневниот состанок денеска во 17:45 часот во Клубот на пратеници.

Шефот на бугарскиот тим од мешовитата Комисија за историски прашања, Ангел Димитров вчера кусо пред средбата рече дека очекува да биде постигнат некаков резултат за отворените прашања.

Почнува нешто со добри очекувања, а како ќе биде понатаму ќе видиме. По повеќе од една година се надеваме дека ќе има некаков резултат, нагласи Димитров по пристигнувањето во Скопје.

Десеттиот состанок на Комисијата, која е формирана со цел да најде заеднички јазик за надминување на разликите на двете земји во однос на одредени историски случувања, се одржува во затегната атмосфера, откако Софија постави ново условување пред Скопје во однос евроинтеграцискиот процес, преку појаснувачкиот меморандум испратен до земјите-членки на Унијата. Доаѓат и забелешки од бугарска страна дека целосно не се исполнува Договорот за добрососедство и дека Комисијата не работи ефикасно, но вчера министерот за надворешни работи Бујар Османи посочи дека ова тело работи многу поефикасно од слични вакви тела во Европа.

Шефот на дипломатијата потенцира дека е добро што Мешовитата македонско-бугарска комисија продолжува со работа и ги охрабри нејзините членови да најдат заеднички точки на приближување и одбележување на историски настани и личности.

Истакна дека Комисијата била на пауза поради кризата со коронавирусот, но и изборите кај нас и напомена дека таа досега остварила видливи резултати, имала девет средби од кои произлезе заедничко одбележување на пет историски личности, но и надминување на разликите за две историски епохи кои во форма на препораки се доставени до министерствата за образование. Нагласи дека други вакви комисии во Европа на пример се сретнуваат еднаш до два пати годишно.

Заедничката македонско-бугарска комисија досега успеа да постигне одреден напредок во однос на античкиот период и средниот век, но не и согласност околу прашањето за Гоце Делчев.

Комисијата има препорачано заедничко одбележување на пет историски личности од значење за историјата и културата на македонскиот и бугарскиот народ, но и за другите народи на Балканот и во Европа – Свети Кирил и Методиј, Свети Климент, Свети Наум и цар Самуил. Усвоени за препораки и за подобрување на учебниците по историја за шесто одделение во земјава и петти клас во Бугарија, кои се однесуваат на античкиот период од минатото, како и препораки за подобрување на учебниците за 7одделение/6 клас.

И додека вчера македонските и бугарските историчари по долгата пауза седнаа на маса, пратениците од бугарската Комисија за образование и наука најавија јавна расправа за предлогот за преименување на 24 мај од Ден на словенската писменост во Ден на бугарската писменост. Амандманот во Законот за работни односи е поднесен од група пратеници и веќе беше одобрен на првото гласање.

По предлог на „Обединети патриоти“ и со поддршка на Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), чиј претседател е премиерот Бојко Борисов, на почетокот на месецот предлогот беше усвоен на прво читање во Парламентот. Со предлогот, празникот се именува како „Ден на бугарската писменост, образование и култура“, а отпаѓа придавката словенска.

Вчера на ова се осврна шефот на дипломатијата, Османи, кој рече дека за Свети Кирили и Методиј Комисијата има постигнато консензус и дефинитивен текст како да се интерпретира улогата и како да се одбележат заеднички меѓу двете држави и додаде дека секое поместување од тоа што го работела Комисијата значи дека се минира целиот процес.

Во однос на расправата во бугарскиот Парламент за преименување на 24 мај во ден на бугарската писменост, Османи рече дека смета, оти тоа не е во согласност со Договорот и со работата на Комисијата.

Сметам дека бидејќи е само во прво читање, по оваа комуникација сега и оваа сериозна порака, дека не бегаме од обврските од Договорот, како што не очекуваме и Бугарија да бега од своите обврски од членот 2 за поддржување на евроатлантските перспективи на земјата, и ова ќе се изменаџира, рече Османи.

Прашан дали од Софија има притисок за решавање на прашањето со Гоце Делчев, Османи рече дека очигледно се чувствува тензија и ниво повеќе на недоразбирање.

Сметам дека причина е намалената комуникација во овој период заради изборите и пандемијата и различните внатрешни динамики. Затоа се обидуваме со ладна глава да пристапиме на овие прашања, бидејќи сметаме дека има простор за меѓусебно разбирање по однос на ова прашање. Има чувство од нивна страна дека договорот со недоволна динамика е имплементиран, иако и нашите контра-аргументи дека девет средби за 18 месеци и не се потценување, затоа што тоа се тешки теми и бараат анализи, изјави Османи.

Можеби, посочи тој, тука се разликуваме во очекувањата и затоа сакаме прво во таа комуникација да ги тргнеме тие дилеми.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.