Дел од адвокатите на обвинети во предметите на Специјалното јавно обвинителство преку иницијативи бараат од Врховниот суд начелно правно мислење за постапките на СЈО, односно мислење за правилна примена за Законот за СЈО. Две од иницијативите биле ставени на дневен ред на општа седница на највисокиот суд закажана за 30 јануари.
Jа информираме јавноста дека согласно член 6 од Законот за изменување и дополнување на Законот за судовите (Сл. весник на РМ бр. 83/18), Врховниот суд на Република Македонија, меѓу другото, има обврска на општа седница да разгледува иницијативи и на адвокати за утврдување начелни ставови и начелни правни мислења. Врховниот суд на Република Македонија ќе одржи општа седница на 30.01.2019 година. Помеѓу другото, на дневниот ред ставена е точка за разгледување на иницијативи на адвокатите Боро Тасевски и Еленко Миланов за донесување на определено начелно правно мислење за правилна примена на закон. Во Врховниот суд на Република Македонија примени се и други иницијативи, кои дополнително ќе бидат разгледани на општата седница на Врховниот суд на Република Македонија – се вели во соопштението на Врховниот суд.
Адвокатите поднеле иницијативи во врска со прашањето дали Специјалното јавно обвинителство може да отвора истраги и да поведува обвиненија со оглед на тоа што во членот 22 од Законот за СЈО е определено дека Јавниот обвинител кој раководи со Јавното обвинителство, може да покрене обвинение или да нареди запирање на истражна постапка во период не подолг од 18 месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите во негова надлежност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.




Comments are closed for this post.