Пациентите кои се спасени од пожарот во модуларната болница во Тетово се во релативно добра здравствена состојба и кај нив нема знаци на повреди од пожарот, изјави координаторот на ковид центарот во Тетово Гзим Нуредини. Тој повтори дека од починатите 14 лица, двајца биле цивили. Нуредини не прецизира дали тие биле придружба на болните пациенти, некој од вработените или како што вели роднини или случајни минувачи кои се затекнале во време на пожарот и се обиделе да помогнат и да извлечат пациенти.
Токму за ова, Нуредини вели дека се испрашуваат вработените дали имале свои роднини кои биле пациенти и дали им биле во посета во работно време или надвор од работното време. Тој повтори дека посета на ковид пациенти е строго забранета и дека доколку имало надворешни лица во ковид центарот за тоа надлежните ќе понесат одговорност.
Целата ситуација со пожарот траеше од 3 до 5 минути, имаше вработени, но и роднини или луѓе кои случајно тогаш се затекнаа таму и сите помагаа. Се спасија само 12 пациенти. Пламенот за 3 минути го опфати целиот простор. Лицата кои починаа имаа изгореници од прв степен и ги пративме на судска медицина за да може да се изврши нивна индентификација. Посетите се казниви. Испративме известувања до раководители на одделенија дека не се дозволува посета. Има и вработени кои се роднини на пациенти, бараме кои биле, ако се тие, дали се вработени во ковид центарот, дали биле во работно време на посета или после. Дали тие биле семејства на пациентите или биле други лица оти сите кои се затекнаа во време на пожарот трчаа да помогнат, вели Нуредини.
Тој рече дека пациентите кои се префрлени на интерното одделение во тетовската болница немале проблеми по здравјето бидејќи префрлувањето траело многу кратко.
Тој информира дека сега во тетовската болница се хоспитализирани 57 пациенти, вчера имало 36 амбулантски прегледи на ковид пациенти и дека има еден починат на 49 години кој имал коморбидитети.
Нуредини потврди дека на објектот имало видеонадзор, односно дека имало надзорни камери кои биле поставени странично, како и од предната страна.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.