Агенцијата за заштита на личните податоци (АЗЛП) во врска со инцидентот што се случи на 15 јули 2020, за денот на изборите на веб страницата на Државната изборна комисија (ДИК) изврши вонредна супервизија во ДИК, соопшти Агенцијата.
Вонредната супервизија беше извршена по службена должност со цел да се провери и истражи евентуалното нарушување на безбедноста на личните податоци кои ги обработува ДИК, поврзано со инцидентот што се случи вечерта на 15 јули 2020 година, непосредно по одржувањето на вонредните парламентарни избори 2020 година, велат во соопштението.
АЗЛП утврдила повеќе повреди на прописите за заштита на личните податоци од страна на ДИК, бидејќи не применила соодветни технички и организациски мерки во однос на заштитата на веб страниците и информатичката инфраструктура за да обезбеди ниво на безбедност соодветно на ризикот.
ДИК не извршила тестирање на софтверскиот систем за спроведување на парламентарните избори 2020 година на Дуна ДОО Скопје пред неговото имплементирање или по извршените промени со цел да се провери дали системот обезбедува безбедност на личните податоци согласно прописите за заштита на личните податоци. ДИК при ангажирање на Дуна ДОО Скопје како обработувач, постапила спротивно на прописите за заштита на личните податоци. ДИК при користење на нови технологии за некој вид на обработка (во конкретниот случај софтверскиот систем за спроведување на Парламентарните избори 2020 година на Дуна ДОО Скопје), не извршила проценка на влијанието на предвидените операции на обработката во однос на заштитата на личните податоци, наведуваат од АЗЛП.
За извршената вонредна супервизија АЗЛП донела решение со мерки за отстранување на утврдените повреди и рокови во кои ДИК треба да постапи и да го усогласи своето работење со прописите за заштита на личните податоци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.