Претседателот Стево Пендаровски, врз основа на член 18, став 1, точка 5 и член 28, од Законот за одбрана, како и генералната наредба за ангажирање на дел од Армијата во мирновремени услови, односно во услови кога не е прогласена кризна, вонредна или воена состојба, ѝ нареди на армијата дел од силите и средствата да ги ангажира како невооружени сили за извршување на задачи за поддршка на државните институции при справување со последиците од пандемијата на коронавирусот, соопштуваат од неговиот кабинет.
Со оваа наредба, којашто стапува веднаш на сила, дел од ресурсите и од средствата на Армијата ќе се ангажираат како невооружени сили на извршување на задачи за поддршка на институциите на државата при справување со последиците од пандемијата на Ковид-19.
Согласно наредбата на претседателот Пендаровски, Генералштабот на Армијата ќе ангажира сили и средства за медицинска поддршка на работата на здравствените установи и центри на Министерството за здравство, транспорт на заштитни и медицински средства и опрема.
Армијата ќе помага и за обезбедување на магацински простор за складирање на заштитни и медицински средства и опрема, поставување на шатори и друг вид на сместувачки капацитети наменети за лекување на заболени лица, како и за дезинфекција на простории и површини.
За спроведување на овие задачи, Генералштабот на Армијата е должен да ги подготви за ангажирање медицинските, силите за транспорт и силите за АБХО на Армијата.
Армијата и во минатото врз основа на истите правни основи била ангажирана во отстранување на последици од елементарни непогоди и поддршка на државните институции во мирновремени услови.
Наредбата доаѓа откако владата на последната седница го прифати предлогот на Министерството за здравство за ангажирање на припадниците на Армијата во обезбедувањето на болниците како дополнителна помош на припадниците на МВР.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.