Во земјава досега се детектирани 30-тина случаи со делта варијанта на Ковид-19, информираат од министерството за здравство. Податоците на Министерството покажуваат дека вчера се регистрирани 143 нови случаи со Ковид-19 од направени 3.101 тестирање. Починале двајца пациенти, а оздравени се 32.
Најголем број од новите заразени се во Скопје – 79. Во Гостивар се регистрирани 16 нови случаи, во Кичево – 12, Дебар – 8, Куманово – 7, Тетово и Струга – по шест, Радовиш – три, Струмица – два, Кавадарци, Крива Паланка, Берово и Македонски Брод – по еден. Регистрирани сe 32 оздравени пациенти од: Дебар – 9, Скопје – 8, Тетово – 5, Гостивар – 3, Свети Николе и Пехчево – по 2, Кавадарци, Битола и Гевгелија – по 1.
Со овие последни бројки, вкупниот број Ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 158.164, а на починати е 5.509. Во моментов во Македонија има 2.099 активни случаи. Најголем број од нив се во Скопје – 669, по што следува Тетово со 571, па Гостивар со 234, Куманово со 152, Кичево 84…
Здравствените власти потенцираат дека делта сојот на СарсКов2 ја прави вакцинацијата уште поважна и оттука мора да се вакцинираат што поголем број граѓани за да се избегне повторно затворање, полициски час и слично.
Владата викендов донесе одлука за нови рестриктивни мерки. Мерките треба да почнат да се применуваат од 16 август. На угостителските објекти им е оставен простор од осум дена да се реорганизираат, бидејќи сега е период на организирање свадби и веселби со доаѓањето на печалбарите во земјава.
Свадби и прослави по 15 август на затворено нема да има, согласно новите мерки. Во сите угостителски објекти, театри, на концерти и одредени културни настани, семинари… ќе може да присуствуваат граѓани, коишто имаат потврда за примена најмалку една доза вакцина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.