Општинскиот штаб за заштита и спасување во Велес констатира дека епидемиолошката состојба во градот е сериозна и крајно критична, иако постепено состојбата се смирува доколку се прават споредби со состојбите од пред десетина дена.

Градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, информира дека во Велешката болница вкупно се хоспитализирани 76 пациенти, од кои во најголем број на инфективното одделение 63. Од нив 56 се позитивни, тројца се негативни и четворица непотврдени. 32 пациенти се на кислородна поддршка. Во Велес има четири нови починати пациенти. Сите четворица биле позитивни на вирусот и сите се од подрачјето на Општина Велес.

Во велешката болница 30 вработени се позитивни, а 12 се во изолација.

Во Општина Велес позитивни се пет вработени, а седум се во изолација. Во ТППЕ тројца се во изолација, а во ЈКП „Дервен“ 13 вработени  се позитивни и 9 во изолација.

Како што информира Коцевски, во болницата доаѓаат се повеќе пациенти во потешка состојба. Нив не ги примаат во Скопје и мора да бидат третирани во нашата болница. Тој информира дека МВР врши контрола на 384 позитивни лица и на 108 лица во изолација. Издадени се 292 прекршочни налози за неносење маска, најчесто кај возачи и патници во возила.

Во овој момент, најголем проблем за болницата е обезбедувањето на кислорот, но засега менаџментот успешно се справува. Штабот за заштита и спасување ќе обезбеди техничка помош за ракувањето со кислородните боци – информира Коцевски.

Тој на граѓаните им порача  дека мора да останст максимално одговорни и да се заштитст себеси и другите.

Како што информира Коцевски, Штабот им препорачува на претпријатијата, таму каде што има кластери да се прават паузи за да се проветруваат просториите, особено на места со поголем број вработени.

Од седница произлезе и препорака за заштита на таксистите во возилата кои без да се пријават ги користат и лица инфицирани или сомнителни на вирусот.

Како што рече Коцевски, доста се доцни со анкетите во Центарот за јавно здравје поради што има големи разлики во податоците што доаѓаат од Центарот и од МВР за точната бројка на позитивни и лица во изолација.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.