Од Министерството за образование и наука информираат дека во тек се јавни огласи за вработување на 500 образовни асистенти, кои ќе им бидат поддршка на учениците со атипичен развој вклучени во редовна настава.

Асистентите есен ќе работат во едно од петте основни училишта со ресурсен центар.

На огласите можат да се јават сите лица кои имаат завршено образование за: специјален едукатор и рехабилитатор, педагог, психолог, социјален работник, социјален и рехабилитациски педагог, како и оние кои исполнуваат услови за наставник во одделенска и предметна настава, велат од МОН.

Оттаму додаваат дека образовните асистенти ќе бидат фокусирани на обезбедување квалитетно образование на ученикот преку соработка со наставниците и родителите/старателите, со стручните работници и инклузивниот тим кој се грижи за ученикот.

Месечните примања согласно огласите изнесуваат 24.208 денари. Од вкупно 40 работни часови неделно, образовните асистенти треба 20 до 30 часа да посветат на директна поддршка на ученикот и наставникот, а останатите за подготовка и организација на сопствената работа“, информираат од министерството, дополнувајќи дека огласите се достапни на интернет страниците на Основните училишта со ресурсен центар.

Петте училишта со ресурсен центар се ОУРЦ „Златан Сремец“ – Скопје, ОУРЦ „Иднина“ – Скопје, ОУРЦ „Кочо Рацин“ – Битола, ОУРЦ „Климент Охридски“ – Ново Село, ОУРЦ „Маца Ѓоргиева Овчарова“ – Велес



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.