Маска на уста, температура пониска од 37,4 степени, дезинфекција на раце, без поздравување и меѓусебно споделување на моливи, гуми, книги, во спортска сала и библиотека истовремено присуство на деца од само една паралелка, а во тоалет ќе се оди само за време на наставните часови организирано со помал број на ученици. Ова го содржи протоколот на кој ќе мора да се придржуваат учениците и наставниот кадар во средните и основните училишта кога за четири дена треба новата учебна година да ја стартуваат со физичко присуство во училиштата.

Во протоколите нејасно е како ќе се организираат паузите меѓу часовите, дали сите паралелки ќе го користат големиот одморот истовремено, каде наствниот кадар да престојува за да ја испочитува препораката да се избегнува подолго задржување во наставничката канцеларија, но и како на пример во декември или јануари, да се применува препораката за држење на отворени прозорци во просториите ако го дозволуваат тоа временските услови.

Според информациите на Телма во средните училишта има наставен кадар кој и покрај имунизацијата е заболен, но и оти поголем дел од средните училишта во Скопје веќе побарале средба со Министерството за образование за да се прецизира спроведување на протоколите.

Дека има заболен наставен кадар пред старот на учебната година ни потврди директорот на скопското средно училиште Орце Николов, Митко Димовски, кој информираше дека, според протоколите, ќе се бара нивна замена, додека тие не се вратат на работа. Тој ни потврди и дека средбата со МОН за протоколите за физичко присуство треба да се случи в понеделник или в вторник.

Димовски се надева дека до среда кога стартува учебната година ќе се прецизираат работите и ќе се најде решение тоа да се надмине, бидејќи како што вели, бројките на новозабоелни во четвртиот бран се високи.

Димовски не можеше да потврди дали на средбата од МОН ќе се бара одложување на стартот на учебната година, но на став е дека ако четвртиот бран не стивне, тоа би било подобра опција отколку да се загрози здравјето на наставниците и учениците.

Во училиштетот на кое тој е директор, Ореце Николов, околу 90 проценти од вработените, како што информираше, или го прележале  или примиле доза.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.