На иницијатива и во организација на граѓанското здружение „О2 Иницијатива“, формирана е интерпартиската парламентарна група, која ќе има за цел заштита на природата и борба против загадувањето и климатските промени.
Во парламентарната група се вклучија триесет и девет пратеници од новиот состав во Собранието, кои припаѓаат на девет политички партии.
Од „О2 Иницијатива“ велат дека ингеренциите на надлежните институции за заштита на животната средина се испреплетени меѓу Владата, Министерството за животна средина, државниот и општинските инспекторати, самите општини и поединечни институции и понекогаш за обични информации или барање до институциите да спречат загадување, граѓаните талкаат низ правни и ингеренциски лавиринти со години.
Комплексноста на проблемот е најчестиот изговор за непреземање соодветни активности, казнување на загадувачи, заштита на животната средина и подигнување на јавната свест за проблемот. Една од клучните работи кои во моментов ни се неопходни се цврсти и јасни законски регулативи, кои ќе ги затворат досегашните процепи низ кои загадувачите со години се извлекуваат, но и точно ќе ги постават ингеренциите на надлежните институции и ќе постават квалитетни практики за граѓаните. Задоволни сме од поддршката на пратениците во овие првични чекори, но нетрпеливо ја очекуваме нивната борба за чист воздух и здрава животна средина во Собранието – велат од иницијативата.
Оттаму нагласуваат дека оваа борба е натпартиска, граѓанска и цивилизациска и тажно е да се дозволи секоја педа од нашата држава да е потоната во различни типови загадување, и воздух, и вода, почви. Уништени се или на пат да бидат запустени и езера и планини и шуми.
Одговорноста на пратениците е да ги претставуваат граѓаните, а граѓаните инсистираат на конкретни мерки и конечно решавање на проблемот кој влијае на животот и здравјето на секој од нас, на нашите семејства, пријатели, сограѓани – велат од иницијативата.
Интерпартиската парламентарна група за заштита на природата и борба против загадувањето и климатските промени денеска заедно со претставниците на граѓанското здружението ја имаше и првата средба, на чија агенда беа измените во законот за прекршоци, како и несправувањето со аерозагадувањето и недостигнувањето на граничните вредности за ПМ10 согласно Законот за квалитет на амбиентниот воздух и по девет години од законскиот рок.
Членови на парламентарната група за заштита на природата, борба против загадувањето и климатските промени се Вјолца Адеми, Димитар Апасиев, Бастри Бајрами, Фиснике Бектеши Шаќири, Арта Биљали Зендели, Мирослав Богдановски, Марија Георгиевска, Илире Даути, Драгица Ѓавочанова, Моника Зајкова, Белкиса Зеќири, Дарко Каевски, Снежана Калеска-Ванчева, Мерита Колчи Коџаџику, Марија Костадинова, Бисера Костадиновска-Стојчевска, Мартин Костовски, Ненад Коциќ, Борислав Крмов, Жаклина Лазаревска, Олга Лозановска, Даниела Маркоска, Панчо Минов, Јован Митрески, Соња Михаиловска, Маја Морачанин, Тимчо Муцунски, Фаница Николоска, Ангелина Петкова, Славјанка Петровска, Љупчо Пренџов, Сурија Рашиди, Кастриот Реџепи, Петар Ристески, Гордана Силјановска-Давкова, Велика Стојкова-Серафимовска, Здравко Трајанов, Коле Чаракчиев, Љатифе Шиковска.
Координаторка на пратеничката група е Моника Зајкова од ЛДП, а за заменик координаторка е избрана Велика Стојкова-Серафимовска од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.