Следува нова политика, пресврт, СДСМ ќе се менува за уште подобро да им служи на граѓаните, рече старо-новиот лидер на СДСМ Зоран Заев.

Тој денеска беше реизбран на првите внатрепартиски непосредни избори и освои апсолутно мнозинство од сите членови. За Заев гласале 60.840 социјалдемократи со право на глас, 888 биле „против“ и имало 249 неважечки ливчиња. Заев по трет пат е избран за лидер на партијата. Право на глас имаа 68.999 членови на партијата кои го ажурираа своето членство а се гласаше на 237 места во 80 општини низ државата. Заев немаше противкандитат.

„Доаѓањето на пролетта го означува почетокот на нашата пролетна офанзива за нов пресврт на политичкото делување на СДСМ и Македонија. Следува реформа на досегашната кадровска понуда на СДСМ ќе внесеме нова енергија на нашите редови ќе ги отвориме вратите за сите оние кои се блиски до социјалдемократските идеи, ќе ја продлабочиме започнатата борба, против високата корупција и организираниот криминал и ќе ја креваме мотивацијата на нашите граѓаните“, порача Заев.

Вистинските државотворни партии ја имаат одговорноста да ја унапредуваат демократијата во своите редови но и во татковината“, истакна Заев.

„Ја добивме довербата од граѓаните на последните парламентарни избори, доверба искажаа и пратениците во највисокиот законодавен дом собранието, денеска социјал-демократите ставија печат во довербата во мене. Ми укажавте голема чест по трет пат да ја водам партијата. Ова е голема одговорност за мене“, рече Заев.

Тој рече дека во следните четири години СДСМ да биде локомотива која ќе го движи нашето општество напред.

Не одговори конкретно какви промени се очекуваат оваа пролет. СДСМ во мај ќе избира кадри на највисоките раководни позиции. Заев сега има заменик, тоа е Радмила Шеќеринска. Во партијата потпретседатели се Оливер Спасовски, Мухамед Зекири, Мила Царовска и Коста Петров. Заев вели од пролет нема да бидат повеќе од тројца.

Ќе има и тројца секретари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.