Не се намалува бројот на заболени од Ковид-19. Вчера беа регистрирани нови 674 случаи, а почнаа да се полнат и ковид одделенијата. Надлежните посочуваат дека вакцини има доволно, а засега препорака за трета бустер доза има само од компанијата Фајзер, но за имуно компромитирани пациенти.
Штипската модуларна болница се полни со тешки пациенти заразени со делта сојот на коронавирусот. Слободни места има само за уште двајца пациенти.
Началничката на Инфективното одделение и на ковид центарот, Дијана Гајдарџиска-Шишикова за МИА изјави дека имаат 45 пациенти во модуларната болница. Пред неколку дена во функција е ставено и Кожното одделение, каде се хоспитализираат пациентите, кои веќе се стабилни по третманот во модуларната болница. На оваа одделение имаат десет пациенти. Според началниката на одделението, брзото полнење на болничките капацитети е во изминатите неколку дена, и се совпаѓа со бројките на новозаразени пациенти во источниот регион.
Имаме млади пациенти на возраст над 30 години, ни доаѓаат во тешка здравствена состојба. Триесет и тројца или околу 75 отсто од вкупниот број на пациентите во модуларната болница се на кислородна поддршка, истакна Гајдарџиска-Шишкова.
Поради забрзаното полнење со пациенти во штипската модуларна болница, активирана е и модуларната болница во Кочани.
И во Дебарско, состојбата е критична. Моментно активни на болеста, според официјалната статистика се 232 лица, но според Баки Алили, директорот на болницата во Дебар, реалната бројка е поголема, бидејќи има многу заразени кои, иако се активни, не се јавуваат на преглед во почетна фаза.
На подрачјето на општините Дебар и Центар Жупа, кое со здравствена заштита ги покрива дебарската болница, само овој месец потрдени се 318 нови случаи, главно невакцинирани, во списокот на закрепнати се внесени 119, а починале 14 лица.
Надлежните потврдуваат дека вакцини има доволно, а сите истражувања одат во таа насока дека после шестиот месец ќе треба да се прими и трета бустер доза.
Сепак, засега само американската агенција има дадено препорака за трета доза на Фајзер вакцина, но кај имуно компромитирани пациенти. Тоа се пациенти кои се трансплантирани и оние со хронична дијализа. Според анализите, трета доза на Фајзер вакцина – бустер доза значајно ја зголемува нејзината ефикасност.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера информираше дека со Фајзеровата вакцина значајно се зголемува ефиканоста кон сите соеви на вирусот, и кон алфа, бета и делта сојот на вирусот кога станува збор за аплицирање на трета, односно бустер доза.
Тој посочи дека кај нас веќе има препорака за пациенти кои што се трансплантирани и пациенти кои се на хронична дијализа. Како што рече, следнава недела ќе започне и комуникација со дијализни пациенти за да го проценат бројот на пациенти кои веќе аплицирале и ќе добијат трета доза.
Временскиот интервал што треба да помине за да се прими трета доза е шест месеци, а кај нас, посочи, се уште никој нема примено трета доза бидејќи не се поминати шест месеци од ревакцината.
Филипче информираше дека сите граѓани кои се вакцинирале во странство кога ќе приложат валиден сертификат дека е тоа направено во друга држава, пример во Србија, ќе бидат регистрирани за трета доза, што значи дека ќе можат да ја примат кај нас и за тоа да добијат наш валиден сертификат.
Филипче рече дека вакцини во овој момент има доволно, а според проценките, ќе има и следната година.
Инаку, во текот на вчерашниот ден и претседателот на ДУИ Али Ахмети упати апел до сите граѓани за максимална вакцинација и изрази сочувство до семејствата на починатите од Ковид-19. Апелира за масовна вакцинација и почитување на мерките – дистанца, маска, хигиена.
Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 175.330. Оздравени се вкупно 155.101 пациенти, а починале 5.869. Бројот на активни случаи е 14.360. Во текот на вчерашниот ден беа пријавени починати 27 лица, а а оздравени 403 пациенти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.