Во периодот од 16 март во 12 часот до денеска во државата се влезени 2.019 лице, а излегле 1.331 лице, соопшти на денешната прес-конференција министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.
На ова реагираше министерот за надворешни работи Никола Димитров, кој уште еднаш апелираше да не се напушта државата.
Почитувани граѓани,
Синоќа апелирав да се воздржиме од патувања во странство. Од вчера на пладне до рано утрово, бројот на македонски граѓани кои заминале од земјата е 1331.
Не сакам да навлегувам во мотивите. Можеби сите овие патувања биле нужни. Но, чувствувам должност да предупредам на алармантната состојба насекаде. Имам впечаток како недоволно да е јасна ситуацијата во регионот, во Европа и во светот.
Државите спуштаат рампи постојано, се затвораат аеродроми, се менуваат граничните режими, се забранува влез на странски државјани, се менуваат правилата на секои неколку часа.
Имаме граѓани по разни аеродроми, со откажани летови, со откажан бординг бидејќи земјата на дестинација одлучила да дозволи влез само за своите државјани. Имаме луѓе со коли во колони во Словенија, во Австрија, во Хрватска … Пуштаме дипломатски ноти со лични податоци на нашите граѓани врз основа на нивните телефонски разговори со кризниот тим во МНР. Некои конзуларни барања успеваат, некои не. Ние имаме контрола само врз своите, македонските граници. Ние не ги контролираме границите на други држави.
Во услови на ваква огромна глобална криза предизвикана од пандемијата на вирусот, со целосна непредвидливост на дневна основа, ние апсолутно не можеме да гарантираме дека ќе можете да си дојдете дома тогаш кога сте планирале.
Истовремено, секое патување драстично го зголемува ризикот по здравјето не само за вас и за вашето семејство, туку за целата нација.
Драги граѓани, повторувам:
Не патувајте!, порача Димитров.
Голем дел од јавноста, исто така, ја осуди бројката на патници во ризично време.
Во еден ден, во само еден ден, излегле 1331 луѓе од државава.
Еве нека пола се по работа или нешто неодложно, ма колку сака нека се, ова се опасни бројки и ова е неоправдлива недисциплина и саможивост.
Си правите проблеми сами на себе, нели гледате дека Шенген се распаѓа, држави затвораат граници и после
ќе нема како да се вратите.
Покрај тоа правите проблем на државата, а не сме најбогатата, да се мачи во договор со други земји да ве вратат, и потоа треба да организираат и карантин за тие што шетале.
Ситуацијата уште не ескалирала, уште не го доживуваме пикот, кој неизбежно ќе дојде.
Со вакво однесување се загрозувате самите себе, вашите блиски, целата заедница и целата држава.
Нема смисла да се биде вака себични и празноглави, напиша Ивор Мицковски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.