Без намера да ѝ наштетам на истрагата што денеска ја објавија обвинителите Љубомир Јовески и Вилма Русковска, по апсењето на две лица што ја возбуди јавноста, преземајќи обврска да ја испочитувам презумпцијата на невиноста на осомничените, но и со јасна намера да не го соопштам идентитетот на сведокот-жртва, ќе ви раскажам детаљи за милионскиот рекет за кој денеска стана збор. Тие информации ми се познати веќе извесно време, но се воздржував јавно да ги соопштам, токму со цел да не ѝ наштетам на истрагата.

Вака новинарот Бранко Героски, кој прв го објави случајот со рекетирање од страна на Бојан Јовановски, познат како Боки 13, ја започнува новата приказна, веднаш откако денеска беа уапсен токму Боки 13 и Зоки Кичеец поради сомнение дека рекетирале осомничени во случаи на СЈО, користејќи име на обвинител.

Понатаму Героски раскажува:

Жал ми е што пак ќе раскажувам без конкретни имиња – овој пат и без псевдоними – но мислам дека читателите лесно ќе разберат за кого станува збор. За идентитетот на двете приведени лица веќе јавно се говори. Можеби и официјално ќе биде потврден уште вечерва. Сведокот е македонски бизнисмен, кој во случајот е жртва на нивните рекетарски притисоци. Според обвинителката Русковска, тој на рекетарите веќе им исплатил околу 1,5 милиони евра. Рекетарите се пријатели со еден познат, популарен и јавно воспеван јавен обвинител, од кого се очекуваше да ја донесе правдата во Македонија. Моите информации се дека тој, всушност, е мозокот на операцијата, но тоа допрва треба да се докаже.

Геровски понатаму пишува дека освен обвинителот, за кој тврди дека е мозокот на операцијата, во случајот е заплеткан уште еден друг обвинител, но од истото обвинителство.

На двајцата рекетари им помагаат и видни политички личности (кој ме читал, знае кои се), но и личности од јавниот живот. Некои со знаење што всушност се случува, некои можеби наивно. Да не ги заборавиме и нив. Моите информации се дека обвинителката Русковска лесно, по дифилот всушност, ќе докаже дека во случајов освен рекет и изнуда, имаме и злосторничко здружување. Едно многу опасно злосторничко здружение е тоа, почитувани читатели, против кое борбата мора да продолжи со засилено темпо.

Понатаму вели дека двајцава рекетари (засега само двајца), повикувајќи се на своето пријателство со обвинителот (засега само еден), на сведокот-жртва му се закануваат дека за него имаат компромитирачки материјали и дека тие можат кај обвинителот да му обезбедат некаква „милост“. Безмалку цели две години трае тој рекетарски притисок врз жртвата. Патем речено, сведокот-жртва е само еден од неколкуте познати и видни македонски бизнисмени, кои се рекетирани на истиот начин – од нив се барани огромни суми пари, преку учество во разноразни „проекти’ и „бизнис-зделки“, а наградата требало да биде тоа што семоќниот обвинител (чиј статус во јавнообвинителскиот систем, патем речено, не е решен) против нив немало да покренува истраги и обвиненија.

Тој вели дека сведокот-жртва плаќал дебело и кога во еден момент одбил да соработува во една „зделка“, сѐ уште не насетил дека нешто многу лошо ќе се случи. Тогаш, еден од осомничените, на својот профил на Инстаграм ќе објави слика од својот пријател популарен обвинител и ќе напише: „Се подготвува нешто големо и интересно“. Замислете – нешто големо и интересно…

Кратко време потоа, ќе дознаеме што е одмаздата на рекетарите. Обвинителот дури тогаш отвора „мега-случај“ против сведокот-жртва, при што неколку лица, вклучувајќи ја и жртвата, спектакуларно се уапсени. Злоупотребени се и неколку новинарски пера, за јавноста веднаш да ги осуди осомничените, без судење, пред воопшто да седнат на обвинителна клупа. А предистрагата за целиот случај е циркуз невиден – нема издржани докази за ниту едно извршено кривично дело. Впрочем, како и во речиси сите други случаи на популарниот обвинител, кои сега, откако неговата позиција и политички е проблематизирана, судиите охрабрено ги отфрлаат, еден по еден, поради лошо водени доказни постапки.

Героски пишува:

Поради недоразбирање околу поставените прашања на прес-конференцијата на Јовески и Русковска, се доби впечаток дека плаќајќи 1,5 милиони евра рекет, жртвата-сведок успеала да ја добие „милоста“ од спомнатиот обвинител. Но, вистината е дека тоа се нема случено! Со никаква „милост“ не возвратил обвинителот, за кого јас по трет пат кажувам дека е мозокот на операцијата. Уапсените во овој случај излегуваат на слобода со одлука на Врховниот суд, а популарниот обвинител, со неговите двајца подопашници – замислете! – продолжуваат да го рекетираат сведокот. Бараат милиони евра…

Според Героски сведокот охрабрен дека обвинителската монтажа сепак ќе падне и свесен дека позициите на рекетарската група веќе не се толку силни како порано (иако алчноста не им недостасува), жртвата одлучува да излезе од рекетарската спирала. Со посредство на една пријателска земја, за извршениот рекет се обезбедени многу цврсти, практично несоборливи докази. Нема бегање од тие докази! Од таа пријателска земја за сведокот-жртва е испратено и специјално лично обезбедување. За секој случај. И додека македонските органи на прогонот се соочуваат со доказниот материјал за скандалот, за милионскиот рекет, сведокот-жртва полека но сигурно почнува да се враќа во нормалниот социјален живот.

Целиот текст на Плусинфо



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.