Неготино доби нова градинка, а премиерот, министерката за труд и социјална политика и министерот за здравство направија себепромоција со деца. Градинката која наскоро ќе започне со работа има капацитет за 167 деца, а денеска за фотографирање со премиерот свечено беше отклучена од страна на детенце. Премиерот и министрите беа пречекани, исто така, од деца, кои се уште не заоделе во градинката.

Сево ова се случува во исклучитено топла сабота.

На отворањето на новата градинката претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев истакна дека подолго време сериозно се работи на зголемување на опфатот на деца во процесот на предучилишно образование и во склоп на овие заложби и Општина Неготино конечно го добива она што го заслужува и што и е потребно.

Детската градинка е изградена според највисоки стандарди за ран детски развој со што се зголемуваат капацитетите за згрижување и воспитување на деца од предучилишна возраст. Општина Неготино е една од четирите општини кои први ги потпишаа договорите со кои добија грант за изградба на нови детски градинки заедно со Општина Кочани, Кавадарци и Кисела Вода. Со интензивна и посветена работа на приближување на стандардите на живеење во поголемите и помалите места, ние како заедница, уште еднаш докажуваме дека се грижиме подеднакво за сите наши граѓани, порача премиерот Зоран Заев.

Изградбата на новата градинка е финансирана од Проектот за подобрување на социјалните услуги, што го спроведува Министерството за труд и социјална политика со поддршка на Светска банка. Целта на активностите од втората компонентата на Проектот е да го зголеми пристапот до социјалните услуги за ран детски развој со посебен акцент на децата во социјален ризик, децата со посебни потреби и децата од ромски семејства.

Првите години од животот на секој човек се клучни во градењето на личноста. Наша должност како Министерство за труд и социјална политика и како Влада е посветено да работиме на унапредување на условите за нашите дечиња. Одуката да се посветиме на подобрување на услугите во овој сегмент се темелат на силна определба да создадеме хумано општество со еднакви можности. Зголемувањето на капацитетот на градинките и изградбата на нови градинки ќе овозможат најдобри можности за децата во оваа возраст и нивна соодветна подготовка за образовниот процес кој следи. Ги повикувам и родителите да ги користат овие услуги и да им овозможат на своите дечиња квалитетно предучилишно образование. Градинките ќе работат со инклузивен пристап, со што и дечињата од ранливите категории, како и дечињата со посебни потреби ќе бидат опфатени и ќе добијат квалитетна услуга, потенцираше министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска.

Градинката во Неготино е трета од веќе завршените градинки во рамките на Проектот за подобрување на социјалните услуги со поддршка на Светска банка. Заедно со останатите  градинки финансирани од буџетот на Министерството за само 11 месеци отворени се вкупно 15. До крајот на годината, согласно планот и темпото на работни активности ќе бидат отворени уште десет нови градинки.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.