„Современата македонска држава – две етапи во нејзиното формирање и развој: 1941 – 1991/1991 – 2021“ е насловот на свечениот научен собир во МАНУ, што ќе се одржи в понеделник, на 27 септември, во организација на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и на Институтот за национална историја.

Впечатливо е што на списокот на личностите што ќе дадат воведни обраќања, покрај академик Љупчо Коцарев, претседателот на МАНУ, се и актуелниот претседател Стево Пендаровски, како и поранешните шефови на државата Бранко Црвенковски и Ѓорге Иванов.

Покојните претседатели Борис Трајковски и Киро Глигоров ги претставуваат проф. д-р Владо Поповски, некогашен советник на Трајковски и Живко Кондев, некогашен шеф на кабинетот на Глигоров.

Во годината кога Македонија слави 30-годишнина од независноста, по својата научна но и политичка тежина, ова е најзначајниот самит, кој веќе сега е наречен „претседателски“. На собирот, во пет сесии, ќе говорат голем број истакнати македонски научници. За овој собир, на кој на иста маса ќе седнат актуелниот и двајца живи поранешни претседатели, се зборува веќе подолго време. Се очекува во нивните поздравни говори да бидат упатени и многу сериозни политички пораки што ја засегаат политичката реалност во која се наоѓаме денес.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.