Од Владата до Собранието со протестен марш Коалицијата „Менуваме“ изрази револт за неправдите со кои се соочуваат лицата со попреченост. Време е, истакнаа учесниците на протестот, да бидеме прифатени онакви какви сме, различни но еднакви.

Дел од од нашите барања се веднаш сега, Владата додатокот што ни следува од 7.100 да се зголеми на 12.000 денари. И во следните две години истиот додаток за попреченост да ја достигне минималната плата во државата. Бараме изедначување на родителските, односно згрижувачките права, за родителите на деца со посебни потреби. Бараме права за асистените на лицата со попреченост – рече претседателот на Коалицијата „Менуваме“, Суаред Алиша.

Тој наведе дека бараат да се отстрани старосната граница за ортопетските помагала. Побара на товар на Фондот да бидат ставени белите стапови, кои го користат слепите лица, како и мерачите на притисок и на шеќер.

Сакам да ја демантирам министерката Шахпаска, бидејќи ние никаде во нашите барања не зборуваме за инклузивност, не зборуваме за никаква програма, туку нашите цели се јасни, се базираат врз база на системски законски и подзаконски акти кои што треба државата да ги надополни – рече Алиша.

Тој потенцираше дека излегле на протест да ги побараат нивните права, кои како лица со попреченост треба да ги уживаат.

Нивните барања утре ќе бидат доставени во Владата.

Ние ја запознавме меѓународната јавност, односно сите амбасади во нашата држава, затоа што сакаме навистина да дадеме силен придонес за сегашните и идните генерации. Во земјава има 120.000 лица со попреченост, кои имаат некаков хендикеп – нагласи Алиша.

Министерството за труд и социјална политика соопшти дека инклузијата на лицата со попреченост е нивен врвен приоритет.

Само во изминатите десет месеци Министерството за труд и социјална политика, преку законски измени, ја намали возрасната граница за стекнување на правото на личен асистент од 18 на 6 годишна возраст. Тоа значи дека секое дете со потешка и најтешка физичка попреченост или потполно слепо дете ќе може да добие личен асистент, со што го поттикнуваме личниот и образованиот развој на децата и им помагаме на родителите во секојдневната грижа за нив, наведоа од МТСП.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.