Во изминатите 24 часа во ковид центрите во Скопје хоспитализрани се 19 нови пациенти поради компликации од коронавирусот. Вкупно 470 лица сомнителни и потврдени за КОВИД -19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град.
Во последното деноноќие, на интерните клиники имало вкупно 8 приеми и тоа двајца пациенти биле хоспитализрани на Институтот за белодробни заболувања и ТБЦ, тројца во ковид центарот на Клиниката за Неврологија, еден болен е хоспитализран на Клиниката за дерматовенерологија, а двајца на Клиниката за гастроентерохепатологија. Во ковид центарот во ГОБ 8 Септември имало 7 нови приеми на пациенти, а на Инфективната клиника биле примени четворица во текот на вчерашниот ден, информираат од Министерството за здравство.
Во изминатите 24 часа дома се пуштени 13 оздравени пациенти
Во моментов на Кожната клиника во ковид центарот се лекуваат 24 пациенти, на Клиниката за неврологија 33 болни, а на Институтот за ТБЦ се примени вкупно 56 пациенти со симтоми на корона вирусот, на Клиниката за Гастроентерохепатологија се лекуваат вкупно 26 лица, во ковид центарот на Клиниката за нефрологија во моментов се сместени 24 пациенти, а на Клиниката за очни болести 11 пациенти.
Во ГОБ 8 Септември има вкупно 109 болни, на Клиниката за инфективни болести лежат 156 пациенти, додека во Иститутот за белодробни заболувања кај деца Козле има 32 пациенти, од кои 11 деца и 21 возрасен.
Вкупно 470 пациенти потврдени и сомнителни за КОВИД- 19 се лекуваат на инфективните оддели во болниците во главниот град. Голем дел од нив се на кислородна поддршка.
Се очекува во текот на наредните два дена да почне со работа и ковид центарот на Клиниката за уво, нос и грло. Сите инфективни одделенија имаат довод на кислород и можат да згрижат пациенти кои имат потреба од кислородна подршка, велат од Министерството.
Теренот на кој ќе биде поставена ковид модуларната болница во Гевгелија е подготвен, кон крајот на оваа недела се очекува да почне изведбата на болницата. Целосно е завршено бетонирањето, а поставена е и инфраструктурата, довод, одвод до канализациска мрежа, подземен кабел за струја.
Ковид центарот во Гевгелија ќе биде со површина од 400 квадратни метри со посебен влез за персоналот. Посебен влез ќе има и за прием, евиденција, преглед, тестирање, можност за рендген, ЕХО преглед на пациенти и одредување терапија. Во последниот сегмент ќе има соба за изолација и стационар за хоспитален третман до максимум 15 пациенти.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.