Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од митингот во Ресен каде што ја бара поддршката од граѓаните за кандидатот Јован Тозиевски, му одговори на претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Зоран Заев кој го прозва во неговиот вчерашен митинг од пелагонискиот крај, одговарајќи му дека никогаш нема да има предавнички и квислиншки став за важните македонски прашања како него.

Мицкоски истакна дека во недостиг на понуда до граѓаните, како и претходните избори така и овие очекуваше главна тема на неговите партиски митинзи да биде тој.

Како и сите претходни избори, така и овие очекував јас да бидам главната тема на говорот на Зоран Заев, поминаа неколку минути од вчерашниот митинг и се уште ме немаше споменато, но ете ти после десетина минути го слушам ме споменува. Сум бил ваков, сум бил таков, па вели не сум имал став. Каков став да имам, како неговиот, предавнички, капитулантски, квислиншки? Е таков нема никогаш да имам! Таков став нема никогаш да имам, порача Мицкоски.

Мицкоски истакна дека на лидерска средби во Клубот на пратеници, во присуство и на потпретседателот Александар Николоски, Заев ги убедувал дека треба да се прифатат понижувањата кои им се нудат на македонскиот народ и на македонските граѓани и да прифатат на се направат промени.

А тој имаше таков став кога седевме во Клубот на пратеници. Тука е уште еден присутен од тој состанок, потпретседателот Александар Николоски. Кога беше таа лидерска средба, кога нè убедуваше дека треба да се понижиме, дека треба да се погазиме како народ, како граѓани, како луѓе и да го промениме тоа што ни го оставиле нашите предци, кои што тоа пак, со крв го платиле. И тогаш го гледав во очи, како и денеска и тогаш му реков, свесен ли си што правиш? Сега можеби сите они кои што ти доаѓаат, те потапнуваат по рамото и ти изразуваат поддршка, во еден момент ќе ги снема, ама штетат која што ќе ја направиш. Јас сум свесен дека ние сите заедно, против целиот тој свет собран околу тебе не можеме толку силно да се спротивставиме, и ти тоа ќе го направиш? Дали си свесен дека таа грешка ќе не кошта нас многу понатаму, а ништо нема да добиеме за возврат. Погледна во очи, збунет каков што отсекогаш бил и така и денеска, и одговори: Да свесен сум! Е па јас, таков став никогаш нема да поддржам, нема никогаш да поддржам, дециден беше Мицкоски.

Тој додаде дека Заев менувал име, го понижувал народот, го понижувал секој еден граѓанин, го крадел достоинството, за да може потоа да краде, мислејќи дека толку многу ќе украде што ќе дојдат избори па дел од украденото ќе го подели на народот и така ќе си ја купи поддршката и наклонетоста на народот.

Но, додаде Мицкоски дека на 17 октомври нема да се случи, затоа што македонските граѓани ќе дадат масовна поддршка за кандидатите за градоначалници и листи на советници на ВМРО-ДПМНЕ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.