Нема ниту еден починат ковид-пациент во претходното деноноќие, првпат по 10 месеци, а регистрирани се и само осум новозаразени од 3068 тестирања и девет оздравени.

Министерот за здравство Венко Филипче вели дека ова е мала победа, која влева надеж, но, апелира да се почитуваат мерките за заштита.

– Првпат по 2 септември 2020, денеска не бележиме ниту еден починат од Ковид-19. Вирусот е далеку од победен, но оваа мала победа ни влева надеж дека сме се поблиску до ставање крај на агонијата. Сепак, мерките мора да продолжиме да ги почитуваме, а единствен начин да го намалиме бројот на жртви е масовно да се вакцинираме, изјави вчера Филипче.

Досега во земјата се направени вкупно 834 099 тестирања на Ковид-19.

Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 155 536, бројката на оздравени пациенти е 149 628, на починати е 5471, а бројот на активни случаи изнесува 437.

Во Скопје има 189 активни случаи, Куманово – 52, Прилеп – 33, Тетово – 28, Кичево-26. Во осум градови, Кавадарци, Ресен, Берови, Пробиштип, Богданци, Демир Капија, Пехчево и Дојран, нема ниту еден заразен, во три града, Валандово, Македонски Брод и Крушево, само по еден активен случај.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.