На денешната прес-конференија на министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, заедно со министерот за здравство Венко Филипче, потврди дека градинките се подготвени и со посебни протоколи да започнат со работа на 9 септември (среда).

Министерката посочи дека Владата на предлог на министерството за труд и социјална политика и во координација со министерството за здравство и Комисијата за заразни болести е донесена одлука да се отворат установите за воспитување и згрижување на деца, детски градинки и центри за ран детски развој.

– Градинките ќе работат согласно утврдениот протокол за активностите во установите по укинување на вонредната состојба, кој владата го усвои на 29 мај и е доставен до сите установи за згрижување на деца. Анализата на податоците од градинките покажа дека тие се подготвени веќе наредната среда да почнат со работа и да ги примат и згрижат децата во согласност со предвидениот протокол утврден од Комисијата за заразни болести – рече Шехпаска.

Таа додаде дека приоритет за посетување на градинка ќе имаат децата на самохраните родители и децата на двајца родители кои се вработени и ќе донесат потврда од работодавачот дека работните задачи не можат да ги извршуваат од дома.

Изминатиот период вработените во градинките ги контактираа родителите на децата по што се утврди дека согласно протоколот градинките имаат капацитет да згрижат 19.000 деца, но интерес за згрижување пријавиле родителите на 14.555 деца. Доколку градинките имаат повеќе слободни места, односно согласно критериумите од протоколот од приоритетните, во тој случај може да прифатат други деца што се запишани во градинките – изјави министерката.

Според протоколот групите на деца до две годишна возраст треба имаат најмногу 6 деца за кои ќе се грижат двајца вработени, додека групите од 3 до 10 годишна возраст треба да имаат најмногу 15 деца и двајца вработени.

Поради намалениот капацитет во градинките беше неопходно да се дефинираат овие приоритети. Единиците на локалната самоуправаа добија препораки од владата кои се основачи на овие установи да обезбедат или адаптираат дополнителен соодветен простор доколку за тоа има потреба. Исто така им се препорачува да обезбедат соодветен потребен кадар за временскиот период во траењето на пандемијата, ако имаат потреба за тоа, со цел да се обезбеди непречено функционирање – вели Шехпаска.

Министерката вели дека како министерство во изминатиот период интензивно контактирале со сите градинки во државата, при што се убедени дека процесот ќе се одвива без проблем. Децата ќе бидат згрижени на безбеден начин, а нивните родители ќе можат да се вратат на своите работни места.

Таа упати апел до родителите дека капацитетите на градинките поради посебните протоколи е значително намален, поради што сите кои имаат можност да ги згрижат своите деца на друг начин да не го зафаќаат местото во градинките на оние семејства на кои тоа им е реално попотребна.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.