Дали Македонија има министер за здравство или само функционер кој во ек на пандемија повеќе е загрижен за сопствениот рејтинг, отколку за здравјето и животите на граѓаните? Доколку го следиме однесувањето на министерот Венко Филипче може да заклучиме дека одговорот е второто.

Зачудувачко е таквото однесување на министерот, кој од самиот почеток на пандемијата наместо да е фокусиран на справување корона вирусот, подготовка и подобрување на болниците за новиот бран, загрижен е само за сопствениот рејтинг.

Пиарот кој од почетокот се обидуваше да го направи херој министерот, сега веќе станува морбиден.

Имено, додека вчерашниот ден за Македонија беше еден од најцрните денови, со 21 починат од корона вирусот и нови 565 заразени, министерот си дозволи на неговите официјални профили на социјалните мрежи да објави видео кое според него требаше да е смешно. Неверојатно е како во таков црн ден, на министерот му е дојдено до смешки и шеги, а уште поневеројатно е како има време за монтирање видеа, а нема време за здравствениот систем.

Да биде ситуацијата уште полоша, вчера на социјалните мрежи и во медиумите беше објавено видео како пациент прима инфузија надвор, во дворот на болницата во Кичево. За истата болница пред само две недели беше објавено дека нема Ковид центар, а пациентите од корона вирус ги прима во шатор, кој се наоѓа исто така во дворот на болницата иако бројката на активни случаи во овој град е речиси 200 пациенти.

Дополнително, дека нешто не штима во здравството можевме да видиме пред само три дена, кога директорот на струмичката болница на Фејсбук ги молеше граѓаните за донации за да купат ново амбулантно возило.

Во исто време болниците се преполни со пациенти, во многу градови како Струмица, Штип, Куманово повеќе нема слободни болнички кревети, а со сличен проблем се соочуваат и Прилеп, Битола Кавадарци каде речиси се исполнети капацитите. Не е поинаку ниту во Скопје, каде заради исполнетост на инфективните одделенија, пациенти се хоспитализираат во други одделенија и во монтажната болница. Покрај тоа бројката на починати од корона вирусот надмина 1.000, додека на заразени 30.000. Воедно пациенти реагираат дека со денови чекаат да бидат тестирани, а власта дури сега се обиде да бара решение за истиот проблем.

Токму затоа, зачудувачки како министерот Филипче најде време да прави политички видеа кои наводно треба да се смешни, а нема време да го види хаосот кој ни се случува по болниците и целиот здравствен систем. Но, тоа што најмногу чуди е што иако видеото беше отстрането заради бурните реакции во јавноста, министерот Филипче се уште не најде време да им се извини на граѓаните.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.