Денеска во 16 часот ќе започне најдолгиот полициски час кој ќе трае до 5 часот во вторник (21 април). Исклучоците од забраната за движење важат за полицијата, армијата, здравствените работници (во ЈЗУ и ПЗИ, како и матичните лекари) и за маркетите и рестораните кои вршат достава на производи, при што тие своите ангажмани ќе ги реализираат непречено.
И претходниот викенд имаше полициски час, тој траеше 61 час, но овој викенд поради велигденските празници е продолжен со што го опфаќа и понеделникот, па ќе трае 85 часа.

Во пресрет на Велигден Светиот архиерејски синод (САС) на Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) преку соопштение упати апел до верниците во целост да ги почитуваат препорачаните мерки и утврдените насоки за заштита и спречување на ширењето на коронавирусот.

Во вонредните услови на пандемија, кога грижата за здравјето на ближниот е исклучително важна, Синодот повикува ова Воскресение Христово да се пречека и празнува со најблиските во домашната црква – во семејството. На овој Велигден храм нека бидат нашите срца во кои ќе воскресне Христос! На воскресните свети литургии свештенослужителите ќе се молат за сите. Вие, пак, коишто од оправдани причини ќе отсуствувате, од вашите домови смирено и достоинствено изразувајте ја вашата вера и со радост придружете се во пеењето на воскресната химна: „Христос воскресна од мртвите…“ Сите да ги почитуваме најдобронамерните препораки на надлежните за доброто на сите! Воскреснатиот Христос нека ја исцели секоја човечка немоќ, а воскресенската радост нека ни биде постојана!, велат од канцеларијата на МПЦ-ОА

И техничкиот премиер Оливер Спасовски, апелираше на одговорност.

Свесен за сите дилеми кои деновиве се отворија околу начинот на практикување на верата среде криза и за време на Велигденот, ве уверувам – има начин. Целиот свет поинаку го чествува Велигден оваа година. Исто ќе биде и кај нас. Ќе се помолиме во домовите, во најтесниот круг на семејството, наместо во храмовите. Во храмовите ќе бидат свештениците и тие од таму ќе ги пратат своите пораки и молитви. А ние, мора да останеме во домовите. Нема импровизации со оваа работа. Тој што ќе отстапи го загрозува своето здравје и здравјето на своите блиски. Тој што ќе отстапи и ќе се однесува несериозно, загрозува живот. Да не си играме со здравјето и животот – порача техничкиот премиер Спасовски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.