За 10 часот е закажана итна и вонредна седница на Владата за пожарот во кој синоќа целосно изгоре ковид центарот во Тетово.
Информацијата ја потврди и премиерот Зоран Заев кој на излегување од зградата на општината во Тетово изјави дека ќе заседава Владата.
Закажавме во 10 часот Влада, изјави Заев, кој не сакаше да соопшти повеќе детали затоа што, како што рече, изјави ќе нема додека надлежните прават увид и работат на утврдување на причините за пожарот.
И од Владата информираа дека во тек е детална истрага за пожарот во кој, според засега официјалните информации, има десет жртви.
Во тетовскиот Ковид-центар се случи огромна трагедија во која поради експлозија и пожар има десет жртви, а оваа бројка може да порасне. Противпожарните и медицинските служби реагираа веднаш, пожарот е изгаснат, а во тек е акција на здравствените служби за спасување на секој загрозен живот. Владата изразува најдлабоко сочувство до семејствата и блиските на починатите и посакува брзо закрепнување на повредените, се вели во соопштението од Владата.
Пожарот избувна вчера вечер околу 21 часот и за кратко време целосно изгоре ковид центарот. Во гаснењето учествуваа над 30 пожарникари кои интервенираа со седум возила. Пожарот е изгаснат за речиси половина час.
Во Тетово седница одржа и Итниот кризен штаб на која присуствуваше највисокиот државен врв.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.