Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски се обрати пред новинарите доцна вечерва од пред Собранието, каде што до пред малку траеше 19 седница. Како што кажа и од говорницата, Мицевски ги обвини за нетранспарентност владата и Собранието.
Иако не не известија за продолжување на седницата по 18 часот согласно Деловникот, остануваме со активен филибастеринг да ги попречуваме во нивната намера да прошверцуваат закони надвор од очите на јавноста. Што е толку криминално што на Владата и Заев им се брза вечерва на шверцерски начин да злоупотребат 33 милиони евра народни пари, праша Мицевски.
Тој нагласи дека пратениците од опозицијата нема да се откажат и со сите сили и мерки ќе го спречат носењето на ова штетно законско решение.
Власта сака на мала врата без доволно информации и консултации со јавноста да се изгласа закон со кој што ќе му се признае на Макпетрол сопственост од 50% во гасоводот во Република Македонија и истиот да му се плати по нереално висока цена од 33 милиони евра иако самата власт вели дека вредноста на влогот на Макпетрол е 18,8 милиони евра. Зошто Владата на Макпетрол сака да му плати екстра 14,2 милиони евра? Зошто Државниот правобранител не сака да даде дозвола на премиерот Заев да го потпише договорот? Зошто се оди со закон во Собрание, нешто што никогаш претходно не се случило во историја на Република Македонија, рече Мицевски и додаде дека пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата со долги говори ќе продолжи да ја блокира работата на Собранието.
Претседателот на Собранието Талат Џафери закажа продолжение за утре во 11 часот. Пратениците треба да ја продолжат расправата по измените на Законот за инвалидски организации, за која се пријавени уште 13 говорници. По исцрпување на дневниот ред на 19. седница, претседателот на Собранието најави дека ќе продолжат со работа по преостанатите точки од 20. седница и, евентуално, да се продолжи по уште две седници на кои, како што рече, има многу важни точки за граѓаните. Седицата ја прекина на барање на опозицијата, која во расправата по 18 часот реагираше дека се продолжува со работа без да бидат известени за тоа.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.