Од пред Министерството за правада, преку мостот Гоце Делчев, до Министерството за надворешни работи, илјадници луѓе маршираа на протестот со кој го искажаа своето незадоволство од, условно речено, пазарењето дека Гоце Делчев е Бугарин, а дека Македонија има бугарска историја.
Реката народ со транспаренти „стани Гоце те предадоа“, „Гоце е црвената линија“, „или Гоце или Заев“, „Гоце не го даваме“ јасно и порачаа до власта на СДСМ дека Гоце Делчев е „нашиот идентитет и нашата цервена линија за достоинство“, код без кој ќе ја нема и Македонија.
Илјадниците граѓани, сплотени, веејќи македонски знамиња и покажувајќи љубов кон Македонија испратија масовна поддршка на македонските историчари кои се наоѓаат во комисијата, кои што треба да ги бранат македонските историски интереси.
Со овој протест ВМРО-ДПМНЕ докажа дека станува сериозна закана за власта која на секаков начин се обидува да ја дискредитира опозицијата и обидите да се зачува Гоце Делчев како столб на кој се крепи нашиот идентитет кој и онака е разришан со Договорот од Преспа.
Ова беше трет, од серијата тематски протести што ги најави опозициската партија, а прв за Гоце Делчев. Протестот имаше предзнак европски, “За ЕУ, за Македонија, за Гоце Делчев”, пишуваше на големиот транспарент кој се наоѓаше на почетокот на маршот.
Македонизмот не е ништо помалку важен од европеизмот, рече опозицискиот лидер, Христијан Мицкоски, посочувајќи дека власта неправедно лепи етикети дека патриотизмот е демоде политика и популизам.
Пред илјадниците насобрани луѓе опозицискиот лидер Мицкоски порача дека протестираат, затоа што Делчев е и европска вредност, затоа што неговата идеја за слобода и културно издигнување на еден народ е идеја врз која почива и Европската Унија. А, како што рече „нашата иднина е токму таму во Европската унија“.
Протестот доаѓа во период кога се очекува рестартирање на експертските комисии со Грција и Бугарија кои се формирани согласно Преспанскиот и Договорот за добрососедство, нешто што го најавија од кабинетот на новиот министер за надворешни работи, Бујар Османи.
Работата на комсиите досега беше во застој поради ковид-кризата и предвремените парламентарни избори, а едно од прашањата околу кои претходно се судрија македонските и бугарските историчари беше токму Гоце Делчев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.