Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков ја извести јавноста дека додека траела седницата на комисијата за образование, култура и спорт, по поднесувањето на предлог законот од страна на ВМРО-ДПМНЕ за намалување на дискрециските овластувања на министерката Мила Царовска со кој ќе се спречи укинувањето на предметот историја, започнале притисоците и заканите за замолчување на опозициските пратеници, информира партијата.

Лефков истакна дека седницата којашто била закажана за 14 часот требала да се одржи непречено, поради тоа што сите пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои членуваат во комисијата биле присутни. Но, поради стравот и избегнувањето проблемите да се решаваат транспарентно пред очите на јавноста, седницата била одложена на само една минута пред нејзиниот почеток.

– Ова е срам за законодавниот дом и срам за власта којашто го приватизира Собранието и го користи за изживување како со останатите пратеници, така и со граѓаните на Република Македонија – вели Лефков.

Тој обвини дека конструкциите за блокада на работата е потпомогната и од претседателката на Комисијата за образование, наука и спорт, Жаклина Лазаревска којашто свесно го крши деловник, законите и правилата за работа на пратениците. Според Лефков, ваквиот чин претставува узурпација на јавните институции и злоупотреба на службената должност.

– Наместо дијалог и дискутирање на важни теми поврзани со граѓаните и нивните проблеми, СДСМ демонстрира самоволие, притисоци, уцени и закани. Тоа не се вредности коишто треба да бидат синоним за законодавниот дом, тоа не се вредности коишто се рефлексија на едно општество за сите, како што тоа го нарекуваат пратениците од власта – смета Лефков.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.