Неспособноста на Венко Филипче и владата се плаќа со здравјето на граѓаните, рече на денешната прес-конференција Дафина Стојаноска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека доцната реакција на надлежните институции резултираше со голем број на лица кои се во изолациј, меѓу нив и лекари.

Стојаноска додаде дека мерките со кои секојдневно се фалеше Филипче на прес-конференции се покажа дека се фарса и се спроведуваат половично.

Прво, нема соодветна контрола на граничните премини и на двата аеродрома за рано предупредување за заболени од корона вирусот. Ако имаше, тогаш немаше вирусот да се шири секојдневно и тоа од луѓе кои допатувале од кризните држави зафатени со епидемија на корона вирусот.

 

Второ, недозволиво е што директорката на Клиниката за дерматологија се однесувала неодговорно. По откривањето на постоењето на вирусот според наши сознанија направен е обид за премолчување на вистината и притисок да не се дознае во јавноста, што е навистина скандалозно, потенцираше таа.

Со несовесно однесување, по направени серија на пропусти Венко Филипче го загрозува здравјето на граѓаните, додаде Стојаноска објавувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе и кривична пријава до надлежното обвинителство за загрозување на здравјето на граѓаните.

Порача и дека потребна е одговорност и поднесување на оставка.

Владата заедно со стручните колеги од министерството да ги преземе следните мерки кои ги бараме:

1.Распуст за децата од предучилишна и училишна возраст

2.Строго евидентирање на сите лица кои влегуваат во државава од кризни зони со корона вирус

3. Контрола и ограничување на прегледите и интервенциите кои не се со итност со цел да се растерети терциерното здравство и да биде подготвено да одговори на ситуацијата како и да се заштитат пациентите и медицинските лица

4. Надлежните институции, Центарот за управување со кризи, Државниот здравствен санитарен инспекторат, Комисијата за заразни болести да ги спроведуваат доследно своите надлежности и јавно да претстават акциски планови за делување.

 

Дилетантскиот пристап на Филипче го загрози здравјето на граѓаните. Потребни се мерки кои ќе дадат резултати, порача Стојаноска.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.