по средбата во вила водно

ВМРО-ДПМНЕ ги замрзнува односите со претседателот Пендаровски

Македонија 13.08.2020 / 17:32

ВМРО-ДПМНЕ ги замрзнува односите со претседателот, Стево Пендаровски и ќе ги преиспита политиките кон Кабинетот на претседателот, соопшти лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Мицкоски беше на средба во Вила Водно заедно со неколку пратеници за да бара докази од Пендаровски зошто му го доделил мандатот на лидерот на СДСМ, Зоран Заев без обезбедено парламентарно мнозинство.

Пендаровски му кажал дека Заев го уверил дека ќе обезбеди парламентарно мнозинство, но според Мицкоски тоа не е доволен доказ за доделување на мандатот.

Мицкоски се повика на неколку изјави кој претседателот Пендаровски ги дал во минатото, дека мандатот ќе го додели откако ќе добие уверување за парламентарно мнозинство, а не да добие уверување дека ќе работиме на парламентарно мнозинство. Како второ, Мицкоски се повика на изјава во која Пендаровски рече дека ќе ги повика претседателите на политичките партии кои беа мандатари на разговор, но тој, како што рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, до денеска не се случи.

Мицкоски потсети и на изјавата на претседателот Пендаровски во која тој изјави дека мандатот нема да го додели на лица кои што имаат афери, ниту пак дека ќе поддржи лица со афери во идната власт.

За жал, денеска во една реченица сето тоа го поби откако одлучи да го даде мандатот на пратеникот Зоран Заев кој што нема во овој момент парламентарно мнозинство. И на тој начин брутално ја приватизираше и ја злоупотреби позицијата претседател на државата, рече Мицкоски од пред Вила Водно.

Одговарајќи на новинарско прашање тој изјави дека ова е направено со цел купување време. Повтори дека нови парламентарни избори се можни, но, вели, се уште не се исцрпени сите опции за фомирање влада.

Деновиве, најави Мицкоски, ќе информираат за сите потези кои ќе ги преземат како колаиција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


Comments are closed for this post.