Вкупната големина на мерките што досега ги презеде владата за помош на економијата за време на пандемијата изнесуваше околу 3,5% од БДП, со што е трета најмала во Европа. Притоа, мерките со буџетски импликации изнесуваа мизерни 2% од БДП, додека мерките без директни буџетски импликации уште пониски 1,5%, смета ВМРО-ДПМНЕ која денеска ги коментираше досегашните мерки на владата и најавените петти мерки.

Од партијата велат дека постојано говорат дека економските мерки се недоволни.

– Македонските претпријатија се на колена. Катастрофално лоша е состојбата во услужниот сектор, а најмногу страдаат хотелите и рестораните. Поддршката од државата е минимална, а замислете и таа поддршка што ја добиле треба да ја вратат, како да завршила пандемијата – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ прашуваат зошто македонската економија постигнува најлоши резултати во справувањето со пандемијата?

– Од 38 европски економии за колку што постојат податоци, 9 имаат повисок пад на БДП од Република Македонија во вториот квартал на 2020 година, а 28 помал. Дополнително состојбите на пазарот на трудот исто така се влошија за време на пандемијата. Во вториот и третиот квартал заедно, бројот на вработени лица (според Анкетата за работна сила) е намален за 25.545, односно за 3,1% од вкупниот број вработени. Влошувањето кај пазарот на труд е поизразено отколку во другите европски земји – велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму додаваат дека одговорот за лошите резултати го дал денеска вицепремиерот за економски парашања Фатмир Битиќи:

„Никогаш не сме давале неповратни буџетски пари за плати, но еве, грешката била што тогаш не го нарековме кредитирање, а било тоа”.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.