Зачудува предолгиот и тежок молк на нашата власт која сѐ уште не се произнела за ставовите на Тозија кој ја нарекува Хрватска „усташка држава“, а на владеачката хрватска партија ХДЗ и го наметнува епитетот „фашистичка“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Во фејсбук пост кој го објавија тие прашуваат: Дали власта ги поддржува ставовите на Тозија и дали стои зад истите? Одговорите на овие прашања велат ги очекуваат многумина во Хрватска, но и кај нас.

Тозија бесрамно се нафрла врз угледот и достоинството на Република Хрватска, наша пријателска земја која секогаш ни ја дава безрезервната и искрена поддршка на патот кон Европската Унија. Многупати сме биле сведоци на подадената рака од страна на хрватската држава и на хрватскиот народ секогаш кога сме имале потреба од искрени пријатели.
За жал, сето тоа е порекнато и погазено.
Исто така, со своите скандалозни изјави како прв човек на Агенцијата за филм, Тозија го руши целокупниот кредибилитет на македонската кинематографија како и интегритетот на македонските филмски професионалци. Очигледно е дека за Тозија постојат сосема поинакви животни и професионални принципи кои не се во корелација со европските стандарди на професионална етика. Но, од молкот од СДСМ може да се изведе заклучок дека партијата на власт се согласува токму со тие антихрватски ставови на Тозија. Во услови на зовриена дипломатска сцена со соседството на Македонија, СДСМ со молкот за скандалот на Тозија додава уште еден проблем на листата на државата. Комисијата за култура на ВМРО-ДПМНЕ бара, Горјан Тозија веднаш да биде разрешен од функцијата Директор на Агенцијата за филм и да понесе лична одговорност за ширењето на говор на омраза и големиот дипломатски скандал кој го создаде со Република Хрватска, пишува Комисијата на ВМРО-ДПМНЕ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.