Македонија, за жал, има недостиг од вистински лидери, храбри, чесни, доблесни и умни луѓе со интегритет, кои не ги распродаваат сопствените зборови, кои не лажат и не манипулираат, кои не се предавници и кои не се продаваат за ништо на светот. Токму, недостигот од вистински лидери доведе Македонија да биде „во казан клаена и сите ѓаволи играат околу неа“ (Петре М. Андреевски), пишува во својата најнова колумна за „Нова Македонија“ академик Љупчо Коцарев.
Текстот го пренесуваме во целост.
Инспирацијата за оваа колумна е текстот „За етичкиот гест“ на Јасна Котеска, првпат публикуван во далечната 2007, а деновиве, на 16 ноември 2021 година, повторно објавен на порталот „Сутерен“. Текстот содржи безвремена порака: „Книгите и филмовите нѐ учат дека постојат моменти кога, и по цена целиот твој видлив свет да се распадне, не треба да ги распродадеш сопствените зборови. Затоа што тие се сѐ што имаш“. Котеска преку анализа на ликот Неоптолем од драмата „Филоктет“ на Софокле и на ликот Чарли од филмот „Мирисот на жената“ (1992) на Брест, зборувајќи за тоа „од што се состојат ‘малите’ етички гестови“, заклучува дека „наградата од малите гестови честопати се состои само од ‘неважниот’ факт дека навечер мирно се спие. Во време на оваа сеопшта морална инсомнија, тој ‘аплауз’ на мирниот сон е можеби единствената музика што сѐ уште прави некаква разлика“Филмот „Мирисот на жената“, пак, изобилува со легендарни обраќања и говори што ги кажува потполковникот во пензија Френк Слајд. Ќе почнам со: „Не знам дали молчењето на Чарли тука е правилно или погрешно, не сум судија или порота. Но, можам да ви кажам дека тој нема да продаде никого за да ја купи својата иднина! И тоа, мој пријателе, се вика интегритет, тоа се вика храброст! Од тоа треба да бидат направени лидерите!“ Македонија, за жал, има недостиг од вистински лидери, храбри, чесни, доблесни и умни луѓе со интегритет, кои не ги распродаваат сопствените зборови, кои не лажат и не манипулираат, кои не се предавници и кои не се продаваат за ништо на светот. Токму, недостигот од вистински лидери доведе Македонија да биде „во казан клаена и сите ѓаволи играат околу неа“ (Петре М. Андреевски).
Ако 2007 година беше време „на сеопшта морална инсомнија“, што да речеме денес – време на морално лудило, главно, креирано од повеќегодишното катадневно безобѕирно лажење и манипулирање на дел од нашите владејачки и партиски елити. Па така, во нашава земја се изроди, намножи една категорија луѓе, на чело со властодршците, кои меѓу народот/обичните луѓе се доживуваат како „сериски лажговци“ или „сериски манипулатори“, еднакво опасни и штетни за државата како што се „сериските убијци“ за поединците жртви. Единственото „корисно“ нешто од сето тоа е што имаме готови сценарија за кои, по угледот на Холивуд и Боливуд, би можеле да почнеме да снимаме филмови за нив: за сериските лажговци и за сериските манипулатори, во кои главните ролји ќе им бидат доделени на нашите државници, со што, во крајна линија, дури би ја подобриле и економската состојба на Македонија. А веќе имаме такво слично искуство. Се сеќавате, македонските тинејџери од Велес станаа светска атракција откако некои од светските медиуми тврдеа дека велешани, преку нивните пропагандни веб-страници, со лажни вести влијаеле на изборите во САД и му помогнале на републиканскиот кандидат за претседател на САД, Доналд Трамп, да влезе во Белата куќа.
Трето, исказот „Додека дишам, додека го дишам овој македонски воздух, додека ме држи памет, додека мојот дедо, мојот татко, сите мои предци, јас, мојот син и ќерка сме Македонци родени овде во Македонија, тоа не може да се случи. И не само тоа, верувам дека не постои роден човек подготвен да излезе пред парламентот и да бара промена на устав заради промена на уставното име“ е ЛАГА. Затоа, неодамна во „Нова Македонија“ се запрашав:„Тоа што се случи потоа, промената на Уставот, промената на уставното име, зар не се предавство на татковината, предавство на пријателите, па дури и предавство на Бога и на Исус“?
Периодот на владеење од 2017 година до денес, период што најдобро се карактеризира со синтагмата „понижена држава“, ќе замине во историјата и ќе дојде друг период. Но овој период не треба никогаш да го заборавиме. „Јас сум смешна личност. Сега ме викаат лудак. Тоа ќе беше унапредување ако не беше дека јас останувам толку смешен во нивните очи како порано. Но сега не се бунам, тие ми се драги сега, дури и кога ми се смеат – и, навистина, токму тогаш ми се особено драги“ (Достоевски).
„Во сегашниот живот се збрани луѓе со повеќекратни барања, желби, активности. Некои се разгневени од желбата за богатство и луксуз, други од љубовта кон моќта и доминацијата, или од лудата амбиција за слава.“ Што мислите, дали се овие зборови изречени деновиве или, ако не се од ова време, тогаш на кое време се однесуваат? Пораката е безвременска, а зборовите што се однесуваат и на сегашноста, истовремено се однесуваат и на Македонија, всушност, се изговорени од Јамблихус, голем филозоф, неоплатонист, од Сирија (Јамблихус, од III до IV век), пред околу 1.800 години. Но држава во која владејачките и политичките елити толку многу здружно лажат и манипулираат е исклучок, раритет – појава што ниту постоела ниту ќе постои на планетата Земја.
Сум читал за држави со енормни економски проблеми и за држави поразени во војна, но нема ништо пострашно од држави со ампутиран дух, затоа што колективното заздравување на духот е неизмерно болно и долготрајно. „Сум видел момчиња со откинати раце и со пресечени нозе, но нема ништо пострашно од сликата на ампутиран дух, затоа што за тоа нема протеза“ (Френк Слајд). Со лажење и со манипулирање во врска со Преспанската спогодба и со Договорот за добрососедство со Бугарија, лидерите без храброст и интегритет, токму тоа го направија – откажувајќи се од Македонците во Пирин и Егеј, ѝ го ампутираа духот на Македонија. Но, за среќа, македонскиот дух „е пиреј и не го ништи ни една војска!“ Ни војска од предавници, од лажговци и од манипулатори. Па затоа, „ти колку сакаш кошкај ја, корни ја, куби ја, таа пак не умира“, ти колку сакаш лажи, предавај, продавај, манипулирај, македонскиот дух не умира. „Само малку да се допре до земјата и пак ќе оживи, ќе потера. Ништо не ја ништи таа трева!“ (Петре М. Андреевски).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.