Договорот со Бугарија сепак ќе се менува. После едномесечно негирање, на крајот власта потврди дека ќе се согласи на бугарските барања по однос на јазикот, историјата и македонското малцинство во Пиринска Македонија.
Откако премиерот Зоран Заев призна дека ќе има анекс на Договорот со Бугарија, сега тоа го потврди и министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој изјави дека некои прашања треба да се допрецизираат.
Како да не беше многу актуелната заедничка историска комисија формирана за решавање на историските прашања, сега како што најави министерот Османи, за овие дополнителни измени ќе се формираат нови работни групи помеѓу двете државни.
При мојата посета на Софија разговаравме за сите прашања, за разликите во очекувањата од договорот. Констатиравме дека од договорот има разлики во нашите очекувања. Се договоривме да формираме работни групи од двете министерства за надворешни работи кои на дневна основа ќе разговараат во однос на различните интерпретации на одредени решенија, изјави вчера министерот Османи за македонските медиуми.
Според најавите измените треба да се однесуваат за името на државата, македонското малцинство во Бугарија, јазикот и историјата. Најново од сите барања е тоа за името. Бугарија бара од нас да не се користи никаде самостојно името Македонија, бидејќи според нив тоа покажувало територијална претензија.
Понатаму по примерот на Договорот од Преспа со Грција, Бугарија бара, и истото го потврди и премиерот, дека Македонија мора да потпише дека нема да се меша во внатрешните работи на нивната држава. Скриената порака позади ова барање е дека Македонија мора да се откаже од македонското малцинство во Бугарија, но и да потврди дека нема да бара никакви права за нив, затоа што тоа треба да е внатрешно прашање на Бугарија. Залудни ќе бидат пресудите на Судот за човекови права во Стразбур во корист на Македонците во Бугарија, кога Македонија ќе се откаже од нивните права, а Бугарија не ги почитува.
Уште едно барање кое ќе се допрецизира спрема бугарските барања е тоа за јазикот. Односно Македонија со новите измени ќе прифати дека станува збор за вештачки јазик измислен во 1944 година. За да може да ја продадат таа измена во Македонија, ќе се дефинира како „јазикот на државата според уставното име“, а придавката македонски ќе замине во историјата.
Кога сме кај историјата, тука ќе биде последниот удар за македонскиот идентитет и нација. Треба да се реши прашањето за Гоце Делчев и македонското постоење пред 1944 година. Според најавите македонската влада предводена од премиерот Зоран Заев ќе потпише дека Гоце Делчев е Македонец само во регионална смисла, додека во национална е Бугарин. Такви најави имаше и претходно, а и самиот премиер Зоран Заев во една прилика рече дека нема проблем со тоа и Бугарија да го смета Делчев за свој.
Но, тука ударот е што со откажување од Гоце Делчев и со прифаќање дека и припаѓа и на Бугарија ќе се прифатат бугарските барања дека Македонците не постеле до АСНОМ, односно дека тие се дотогаш биле Бугари, а дури тогаш Тито не создал како вештачка творба. Со ова барање од корен се менува македонскиот идентитет кој е граден околу ликот и делото на Гоце Делчев како темел на македонската борба за државност и самостојност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.