Обидите да се створи паника и чувство на несигурност беа забележани преку изјави и текстови во кои се тврди дека Македонија се претворила во Балкански Вухан и е на врвот на земји кои имаат пораст на бројот на инфицирани на светско ниво. Текстот објавен на Инфомакс е всушност анализа превземена од New York Times, која дава приказ на зголемувањето на бројот на заразени во секоја држава во светот.
Анализата е точна, од аспект на фактичките бројки кои се прикажани, тоа што порталите не го пренесуваат е дека има зголемување во сите држави во регионот, некаде поголемо некаде помало. Исто така, симптоматично е тоа што напомената од крајот на текстот (која речиси никој од порталите во Македонија не ја пренесе) укажува на тоа дека презентираните податоци се линеарни односно не ги земаат предвид стратегиите на владите за тестирање и водење на статистика поврзана со КОВИД-19, коментира МИА.
Па така на пример во напомената се наведува дека некои влади известуваат само за потврдени случаи, додека други известуваат за потврдени и можни случаи. А, исто така, постои група на влади кои известуваат за двата типа на комбинирани броеви без да обезбедат начин да ги одделат потврдените од можните случаи. Тајмс напоменува дека владите честопати ги ревидират податоците или известуваат за зголемување на случаи во еден ден, без историски ревизии, што може да предизвика неправилна шема во дневно пријавените бројки.
Македонија бележи раст на бројот на инфицирани лица од ковид-19. Во државите од соседството пак, како што сите ние сакаме да правиме споредби, овој тренд на зголемување постои, но не е така изразен како кај нас. И сега, гледано праволиниски или црно-бело некој ќе рече “…ама во Македонија е најголема бројката на заболени”. Е, токму тоа е погрешно тврдење и предизвикува манипулација и паника, доколку не се земе предвид пристапот на здравствените власти за начинот на тестирање. Уште повеќе погрешно да се тврди дека некоја земја е подобра од другата врз база на различни критериуми за споредба.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.