Македонските власти побарале од Европскиот суд за човекови права во Стразбур (ЕСЧП) да се продолжи рокот за одговор на прашањата што ги поставија европските судии, а поврзани со тужбите на десетте поранешни функционери кои бараат правда во меѓународниот суд, а кои беа аболицирани од поранешниот претседател Ѓорге Иванов, дознава Плусинфо.

Судот во Стразбур ѝ дал рок на Македонија до 11 јуни да даде одговор на прашањата за судските предмети, откако претходно, како што на почетокот на октомври лани, правниот застапник на обвинетите функционери Влатко Илиевски обелодени дека судот ги повикал двете страни на пријателско спогодување, до 18 декември лани.

На прашање на Плусинфо во Министерството за правда до каде е постапката со македонските предмети во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, потврдуваат дека државата барала одложување на рокот за одговор.

Поради обемност на материјалите, потешкотиите за пристап до судските списи бидејќи се работи за тековни предмети пред домашните институции и состојбата со пандемијата, на барање на државата се пролонгираше рокот до 11 јуни, 2021 година, велат од Министерството за правда.

Засега државата нема механизам како да превенира судски одлуки на штета на државата. Министерот за правда неодамна изјавија дека казни за судиите или обвинителите ќе имаат спротивен ефект, но бара да сносат професионална одговорност.

Европскиот суд за човекови права уште лани на 25 септември испрати известување до македонското Биро за застапување пред судот во Стразбур, за пријавите на поранешните функционери, аболицирани од Иванов во 2016 година.

Државата во судот во Стразбур ја тужат поранешниот премиер Никола Груевски, Сашо Мијалков, поранешниот шеф на УБК, потоа Гордана Јанкулоска, Миле Јанакиески, Киро Тодоровски. Првата апликација до судот беше поднесена од поранешниот градоначалник на Битола Владимир Талевски пред три години, на 3 ноември 2017 година. Во истиот месец само неколку дена подоцна во меѓународниот суд стасале уште пет тужби од Македонија поврзани со аболицијата на Иванов. Судот побара од македонската Влада објаснување за обвинетите лица во неколку случаи на СЈО, односно на Обвинителство за организиран криминал и корупција.

 За девет месеци дете се раѓа, а Владата побара пролонгирање на одговор кој може да се направи најмногу за три месеци, ако се има предвид дека Европскиот суд за човекови права, бара прецизни одговори за три судски предмети, а за кои пандемијата не беше пречка да се дојде до одговорите – вели за Плусинфо Влатко Илиевски, правниот застапник на десетте поранешни функционери кои ја тужат државата пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Во барањето до Европскиот суд за продолжување на крајниот рок за поднесување одговори, власта како аргумент ја споменува кризата со ковид-19 и вели дека министерствата морале да ги променат своите работни аранжмани што „имало влијание врз достапноста на членовите на тимот“ кој работи на таа проблематика и нормалниот начин на работа. Потоа, во барањето до судот во Стразбур, се објаснува дека пандемијата „значително влијаела на работните аранжмани на домашните судови“, а се бара одложување и затоа што апликациите се однесувале на „многу сложен и уникатен пакет факти за кои е потребна длабинска анализа“.

Аргументите на Министерството за правда за одложување на рокот за одговор не соодветствуваат со фактите и драматично се презентирани пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур од страна на власта, вели адвокатот Илиевски.

Тој ова свое тврдење, со кое е запознаен и судот во Стразбур го поткрепува со заклучок на Владата, донесен на седницата од 20 октомври 2020 година во кој министерствата и сите други јавни институции направиле план за, како што вели, непречен обем на работа и континуиран работен процес. Според овој владин заклучок, вели Илиевски, сите вработени треба да бидат на располагање на работодавачот, преку комуникација со е-пошта и други ИТ-алатки.

Работата на судовите не беше попречена од пандемијата на кој било начин во текот на изминатите месеци. Всушност, судовите, особено Основниот кривичен суд во Скопје, надлежен за случаите на апликантите, работи со сета сила, дури и по работното време на судот, со толкав интензитет што честопати некои судски рочишта треба да бидат одложени бидејќи нема слободна судница погодна за големиот број обвинети. Ова може лесно да се докаже од распоредот на судските рочишта на веб-страницата на Судот, вели Илиевски за Плусинфо.

Тој смета дека аргументите на Министерството за правда за комплексноста на случаите и нивниот број се драматични, едноставно затоа што освен случаите поврзани со притворите, останатите случаи, всушност има само 3-4 различни судски случаи, делат идентични правни прашања на кои треба да се одговори.

А, прашањата на ЕСЧП се многу прецизни и конкретни за кои не се потребни девет месеци да се одговори, имајќи предвид дека првите три месеци дадени од Судот за процесот на преговори беа користени од Владата за да се подготват одговорите на прашањата на Судот, објаснува адвокатот.

Оттаму, апликантите, вели Илиевски, имаат сериозни сомневања дека има друга вистина.

Вистинската причина за барањето за одложување на крајниот рок за одговор на Владата, што исто така ќе ја одложи одлуката, односно, пресудата на ЕСЧП, е дека треба да се купи дополнително време во кое ќе има Основниот суд во Скопје време за донесување пресуди во овие случаи. Се очекува да бидат осудителни пресуди. Имајќи предвид дека повеќето од апликантите се поранешни високи функционери од најголемата опозициска партија, ова ќе биде од голема политичка корист за идната власт по претстојните локални избори, закажани за октомври 2021 година, вели адвокатот Илиевски.

Во изминатите 10-тина години, за над 150 пресуди во Стразбур, државата исплатила над 2 милиони евра отштета.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.