Телевизијата Канал 5 го контактирала советникот на премиерот Зоран Заев со барање за дозвола на снимање за време на прошетката по кејот на Вардар, но од таму им било кажано дека не е дозволено да се снима… но дали за сите?
Канал 5 ТВ бара сериозен одговор од Владата за селекцијата на медиумите во Македонија, која се повторува неколку пати редум, почнувајќи одамна, но последниот случај беше форумот во Преспа каде во активниот, дебатен дел беа поканети само познати „ведети“ од некогашната „мегапопуларна“ 1ТВ, и новинари од неколку портали, а ниту еден од уредниците или новинарите од националните телевизии.
Оваа „селекција“, велат од Канал 5, изгледа се повтори и денес, затоа што нашата редакција, а веројатно и другите редакции на националните македонски ТВ станици, беше информирана лично од г-динот Забрчанец, советник на премиерот Заев, дека нема да има можност за снимање на инсерти или евентуални изјави за време на прошетката во центарот во Скопје, заедно со градоначалникот Шилегов.
Но, изненадувањето и истовремено потврда за некоректноста на советникот Забрчанец уследи кога е нотирано дека најмалку две српски телевизии беа присутни на настанот ( Пинк и Танјуг ТВ ), како и најмалку две албански телевизии ( Њуз 24 и Коха ), кои според сите професионални стандарди, си направија соодветни видео материјали пред се заради информирање на својата јавност за дводневната економска и политичка трилатералка на претседателот на Србија и премиерите на Македонија и Албанија.
-Дали ова значи класична цензура на македонски медиум(и), оставаме на јавноста и центарот за комуникации при Владата да пресудат, но Канал 5 ТВ ќе ја преиспита комуникацијата со специјалниот советник за медиуми на Премиерот Заев, г-динот Забрчанец – пред се поради сопствената , македонска јавност, заради која постоиме , а не заради политичарите во Македонија, независно на која номенклатура припаѓаат!, пишуваат од Канал 5 ТВ.
Сите имаме право на вистински и правовремени информации, без да постои „географска“ селекција на „подобни и неподобни“ медиуми, како во денешниот случај – Македонски од една страна кои немаа право да го снимаат настанот , и Српски и Албански од друга страна кои имаа право, во Македонија, да го снимаат овој значаен настан.
За крај, велат од телевизијата- цензурата е со Устав забранета, а Канал 5 ТВ се надева дека ова не е акт на цензура , туку на некоректен и лошо медиумски организиран настан.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.