Дека справувањето со корона вирусот за Владата е пред се ПР операција покажа скандалозната одлука да им се забрани на група медиуми кои не се по волја на владеачката партија СДСМ да учествуваат на прес конференциите за најголемата здравствена криза во поновата историја на земјата. Медиуми како Република, Лидер, Курир, Инфомакс, Вечер, Денешен, Нетпрес, Вечер, кои се меѓу најчитаните медиуми во државата, се исклучени од листата на „подобни“ медиуми кои можат да поставуваат критички прашања до Владата.

Со денови пропагандната машинерија на СДСМ инвестира во промовирање нејзиниот одговор на кризата како исклучително успешен и се обидува да прикрие сериозни пропусти, како што е недоволната подготвеност и случајот на докторката Нина Цаца Билјановска, кој беше обелоденет пред јавноста токму благодарение на критичките медиуми. Владата најде време да креира пропаганден материјал со ликот на министерот Венко Филипче, а во исто време ги пушташе нејзините загари на социјалните мрежи да се пресметуваат со секој што ќе постави критичко прашање кон Филипче, пред се поврзано со наводите за неговата корупција (случајот со касарните на Водно, наводното рекетирање на компанијата Диамед, блискоста со Боки 13, и, најново, набавката на бразилски респиратори по цени далеку повисоки од конкурентските). Владата очигледно не можеше да го издржи овој последен скандал, кој е директно поврзан со епидемијата на корона вирусот, и издаде наредба дека прашањата на прес конференциите ќе бидат ограничени само на медиуми кои се наоѓаат на список подготвен од организациите ЗНМ и СЕММ.

Овие две новинарски здруженија имаат подготвено листа на „професионални“ медиуми, на која не се наоѓа Република, како и десетина други гласни, масовно читани, и отворени критички медиуми. Причините за ова не се познати. ЗНМ и СЕММ не вклучија поширок број на колеги во изработката на оваа листа, како на пример здружението на новинари МАН. Критериумите се крајно широки, како на пример да известува за настани од јавен интерес или да има македонски домејн. Оттаму не е јасно со што е оправдано исклучувањето на критичките медиуми од оваа листа, особено ако погледнеме дека на неа се наоѓаат портали на некои невладини здруженија, портали кои се апсолутно непознати на јавноста или порталот Фронтлајн – кој неодамна се „прослави“ со објавување на лажна вест насочена против опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ за која одбиваше да се извини, па дури и ја промовираше во категоријата „најчитани вести“ – веднаш до колумните на блујачот на говор на омраза Бранко Тричковски. Оттаму, било какви аргументи за исклучувањето некои од најчитаните , а критички портали во Македонија, кои се соочуваат и со секојдневни закани, финансиски притисоци, а од неодамна и кривични пресуди, од листата на „професионални“ медиуми е јасен обид за воведување цензура и криење податоци од критичен јавен интерес од јавноста.

Оваа листа на медиуми е изработена од Здружението на новинари на Македонија, организација од која произлезе актуелниот главен пропагандист на Владата Роберт Поповски. Ако Владата воведува правила против аптеките и трговците со јужно овошје за да се спречи профитерство во кризата, истите правила мора да важат и за владините функционери како Филипче. Република и другите медиуми кои се изоставени од листата во изминатите години докажаа дека без страв и пардон ќе разоткриваат скандали и ќе укажуваат на злоупотребите на власта, и веќе растечките примери за профитерство во овие тешки денови. Власта која забранува слободно поставување прашања со сигурност нешто крие.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.