Владината делегација во чијшто состав беа заменичката на претседателот на Владата на Република Македонија и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, министерот за финансии Драган Тевдовски и заменик министерот за информатичко општество и администрација, Александар Бајдевски, како и директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи, Даријан Сотировски, денеска присуствуваше на свечената литургија по повод најголемиот православен празник Христово Воскресение – Велигден, во соборниот храм Св. „Климент Охридски“ во Скопје.

Со свечената Велигденска литургија, во сослужение со членови на Архијерејскиот Синод и со свештенството на соборниот храм, чиноначалствуваше Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.

Тој пред верниците меѓу другото порача дека „како што простувал Исус, така и ние граѓаните треба да знаеме да се покаеме и да му простиме на оној што ни згрешил. Човечки е да се греши, но човекот е уште поголем ако знае да простува“.

Членовите на владината делегација на крајот од Велигденската служба му го честитаа празникот на Архиепископот Охридски и Македонски на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, како и на присутните свештеници и верници со традиционалниот Велигденски поздрав „Христос воскресна – навистина воскресна“.

Во исто време, честитка по повод големиот христијански празник Велигден, претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев упати до Синодот и до свештенството на МПЦ-ОА.

Во честитката до поглаварот на Македонската православна црква, Архиепископот г.г. Стефан, премиерот Заев, меѓу другото напиша „во време на големи предизвици и искушенија, најголемиот христијански празник не потсетува да  ја славиме победата на животот над смртта, победата на љубовта и на иднината над омразата и нетолеранцијата“.

„Радоста на празникот со победата на животот над смртта не повикува да ги обновиме духовните сили и да ја зајакнеме нашата посветеност кон највисоките животни вредности како што се заедништвото, меѓусебното разбирање и почитување, љубовта и слогата со сите наши блиски, соседи, знајни и незнајни, и пријатели, во заедница еднаква за сите“, порачува премиерот Заев во писмото со честитки до православните Христијани по повод Велигденските празници.

Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев, писмо со честитки упати и до Црковното претставништво и верниците на Евангелско-методистичката црква во земјата.

„На сите Вас, верниците на Евангелско-методистичката црква, Ви посакувам овој голем христијански празник да го поминете со Вашите најблиски во здравје и благосостојба.

Христос Воскресна – Навистина Воскресна“, отпоздравува во писмото, премиерот Заев.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.