Очигледно е дека политичарите во земјава си имаат своја политичка цел и затоа воопшто не ги интересира реалноста и потребите на граѓаните, изјави за Плусинфо владиката преспанско-пелагониски г.Петар.

– Без разлика на тоа кој е на власт, ние веќе долго време сме навикнати да го трпиме тоа што ни го сервираат политичарите. Многу одлуки се носат со една и единствена цел, а тоа е придобивање политички поени. Така беше за Велигден и за Бајрам, а еве сега и за Духовден – изјави г.Петар.

Тој објаснува дека помените за Задушница траат најмногу три минути и дека не постои опасност за ширење на коронавирусот на гробишта, па затоа, како што вели, нема потреба од воведување полициски час, односно забрана за одење на гробишта.

– Станува збор за отворен, а не за затворен простор. Самите гробови се оддалечени повеќе од два метра еден од друг, па ако на поменот присуствуваат само најблиските членови на семејството на упокоениот, тогаш не би имало никаков проблем. Мерките целосно би се почитувале и секој ќе биде принуден да носи заштитна маска на лицето. Исто така, поради ситуацијата, помените не би траеле повеќе од две-три минути. Нема да има блиски контакти, а исто така нема да има ручеци по завршувањето на поменот – изјави владиката.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.