Владејачката партија и портпаролката и поранешна новинарка, Богданка Кузеска, во немоќ да ја оправдаат својата неспособност, во неколку наврати безобразно манипулираат дека Левица ги блокира измените за воведување на недела за неработен ден, велат од Левица во демантот кон СДСМ.

Ја известуваме јавноста дека се работи за предлог-законско решение кое сѐ уште не е ставено на дневен ред во Собрание, додека нашите пратеници не се дел од матичната Комисија – па оттаму, се работи за уште една лага на делегитимираната владејачка клика. Јасно е дека СДСМ намерно го пролонгира ветувањето, кое требаше да стане реалност од први октомври, како што најави претседателот во оставка, Зоран Заев. Она што всушност е новина и што Владата сака да го протурка е надоместокот од 2% од вкупниот приход остварен минатата година во недела и на празници, што ќе треба да го плаќаат работодавците ако сакаат да обавуваат дејност во недела, па така она што се најавува како придобивка за работниците, всушност е придобивка за полнење на Буџетот, во отсуство на било каква економска стратегија и визија на власта, велат од Левица.

Евидентно е, додаваат од партијата, дека Социјал-демократскиот сојуз повторно ретерира пред барањата на олигархијата и четири години намерно го пролонгира носењето на вакво, повторно нецелосно, решение – кое беше едно од нивните главни предизборни ветувања.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.