Владата на денешната 81-ва седница ги прифати препораките на Комисијата за заразни болести за организирање на наставата во основните и средните училишта согласно кои образовната програма за 2020/2021 година треба да се одвива онлајн со следните исклучоци:
1) Учениците од прво до трето одделение да посетуваат настава со физичко присуство во училница, согласно капацитетите на училиштата за спроведување на планот и протоколите на Министерството за образование и наука и со одобрување од родителите.
За учениците кои имаат хронични болести, наставата да се одвива преку далечина (он-лајн).
2) Настава со физичко присуство во училница може да се реализира во училиштата со обезбедени санитарно – хигиенски услови за одржување на општа и лична хигиена наведени во Протоколите, согласно епидемиолошката состојба во подрачјето/општината, но само доколку основачот на училиштето поднесе барање до Министерството за образование и наука со образложение за исполнетоста на критериумите и условите согласно протоколите и исклучиво по добиена согласност од страна на Владата, по претходно добиено позитивно мислење од Министерството за образование и наука и Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство.
3) Во училиштата кои имаат паралелки во кои се одвива дуално образование, практичниот дел од наставата, во компаниите, да се одвива со физичко присуство на работно место, со почитување на општите протоколи за заштита и на протоколите на компаниите каде се изведува практичната настава.
Владата денеска донесе заклучок да се разгледа можноста да се обезбеди финансиска поддршка за работодавачите, преку Фондот за здравствено осигурување или преку нов пакет на економски мерки, за родителите на деца кои се запишани во училиште и се до 10-годишна возраст, а во моментот се ослободени од работа и работни активности преку користење на мерките донесени од страна на Владата, имајќи предвид дека истите ќе продолжат да бидат ослободени од работа и работни обврски доколку нивните деца следат настава со физичко присуство, или пак, настава преку далечина (он-лајн).
Дополнително, Владата ги задолжи Министерството за труд и социјална политика, Министерството за образование и наука и Министерството за информатичко општество и администрација, да ги разгледаат можностите да се предвиди и извршување на работа со скратено работно време или работа во смена за оваа категорија на лица кои во овој момент се ослободени од извршување на работа и работни активности со физичко присуство на работното место.
Имајќи ги предвид горенаведените заклучоци, Владата го задолжи Министерството за образование и наука, во соработка со Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство да подготви и за наредната седница на Владата, што ќе се одржи во текот на оваа недела, да достави финални, усогласени планови и протоколи за одржување на наставата во основните и средните училишта во учебната 2020/2021 година (начин на организирање на наставата, електронска платформа за учење на далечина, носење на лична заштита, број на ученици во училница, број на одделенија/класови и слично, согласно трите модели за одржување на настава).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.